Мислења
Светот ќе ги следи економските сигнали од САД
Ден Дончев
Изреката - кога Америка ќе кивне, целиот свет го фаќа настинка, по којзнае кој пат се покажа точна и со актуелната економска криза
Пред околу шеснаесет месеци беше сосема јасно дека глобалната економија влегува во сериозна рецесија. Македонската влада во тој период беше прилично игнорантна за тектонските случувања наоколу и се држеше на сопствените проекции за раст од 5,5 отсто на бруто домашното производство во 2009 година. Во еден миг, владини претставници дури јавно коментираа дека светската финансиска криза (која се' уште немаше прераснато во реална криза) ќе биде позитивна за Република Македонија. Следуваше најголемата светска економска криза во последните седумдесет години. Владата се држеше до сопствените официјални проекции се' до првиот ребаланс на буџетот во април, кога значително ги намали проекциите за економскиот раст за 2009 година. Меѓутоа, веднаш потоа, светската економска криза одеднаш стана неизбежна фраза при речиси секој јавен настап на владини претставници, при обидот да објаснат зошто македонската економија нема да го исполни предвидениот раст од 5,5 отсто за 2009 година. Ако во септември 2008 година Владата не беше свесна за тоа што се случува во глобалната економија, во мај 2009 година произлезе дека глобалната економија е единствениот виновник за лошите перформанси на македонската економија!
Вака произлегува дека добрите економски перформанси на македонската економија во 2007, која беше една од најдобрите години за глобалната економија во последните пет децении, беше исклучиво резултат на доброто работење на Владата, додека, пак, лошите перформанси во 2009, беа резултат на глобалната економска криза!? Се разбира, вистината е некаде помеѓу! Македонската економија е дел од глобалната економија и не може да биде изолирана од глобалните случувања. Но, степенот до кој македонското стопанство успева да профитира од добрите економски периоди во глобалната економија или, пак, степенот до кој страда во лошите економски периоди, како оној низ кој сега поминуваме, зависи од структурата на домашната економија како и од економските мерки и политики на Владата. Затоа е важно да се направи анализа за очекувањата во глобалната економија во 2010, со цел да се утврди и влијанието врз македонското стопанство.
Почетната точка при секоја ваква анализа се случувањата во економијата на САД. Изреката „кога Америка ќе кивне, целиот свет го фаќа настинка“, по којзнае кој пат се покажа точна и со оваа економска криза. Како што Америка го предводеше светот во рецесија, така и Америка ќе го извлече. Но, во каква состојба се наоѓа американската економија и кои се перспективите за 2010 година. За разлика од претходната година, ситуацијата денес е покомплицирана за предвидување на економските движења. Затоа, мора да се земат предвид позитивните и негативните фактори од економската состојба во моментот, пред да се извл��че заклучок за можните очекувања во глобалната економија за 2010 и понатаму. Со сигурност може да тврдиме дека тоа што ќе се случува во американската економија, во голем степен ќе биде отсликано во Европската унија и Јапонија, што, пак, директно ќе влијае врз останатите големи економии како Кина, Бразил, Индија и Русија. Тоа, конечно, ќе има влијание и врз мали економии како Република Македонија.
Прво и пред се, референтната каматна стапка во САД е на рекордно ниско ниво од само 0,25 отсто. Шансите се минимални дека американската централна банка - ФЕД, ќе ги зголеми каматните стапки во догледен период. Ниските каматни стапки се позитивни за економски развој, но се негативни за привлекување свеж капитал за инвестирање во државните обврзници однадвор, без кој САД нема да можат да го покријат дефицитот на тековната сметка. Меѓутоа, ситуацијата беше иста во речиси цела 2009 година, а ниските каматни стапки не ги спречија надворешните инвеститори како Кина, да инвестираат во државните обврзници на САД.
Стапката на инфлација во САД е ниска и се очекува да остане таква во 2010, имајќи ја предвид големата стапка на невработеност од 10,2 отсто. Индустриското производство е на ниво од 70 отсто од можниот капацитет, што исто така значи дека нема да има притисоци врз инфлацијата дури и да почне нагло да се зголемува индустриското производство. Ниската стапка на инфлација овозможува пролонгирање на периодот на ниски каматни стапки, што ги зголемува шансите за брзо заздравување на американската економија.
Пазарите на капитал, по краток период на буквално замрзнување, на почетокот на 2009, повторно се враќаат во нормала. Голем број американски компании успешно прибраа огромен свеж капитал со издавање обврзници или нови емисии на акции. Новиот капитал ќе им овозможи на големите американски компании да почнат нов циклус инвестиции во САД и надвор од нив, што ќе ги охрабри и другите глобални компании да ги зголемат нивните инвестиции. Оваа би требало да резултира со драстично зголемување на глобалните директни странски инвестиции, споредено со 2009. Земјите кои ќе успеат да привлечат поголем дел од глобалните странски инвестиции, ќе постигнат поголема стапка на економски раст во 2010 и натаму. Трговскиот дефицит на САД почна да се намалува како резултат на падот на вредноста на американскиот долар и зголемувањето на американскиот извоз. Оваа би требало да значи и зголемување на вредноста на доларот во 2010, што дополнително остава простор за пролонгиран период на ниски камати.
Банкарскиот и финансискиот сектор во САД, кој беше пред банкрот пред само година и пол, успеа да се преструктурира благодарение на интервенции од Владата. Во последните неколку месеци, големите банки успешно издадоа обврзници и акции, прибирајќи голем свеж капитал. Повеќе од поголемите финансиски институции почнаа да ги отплаќаат заеми кон државата со кои беа извлечени од банкрот. Банките се вратија во профитабилност, што би требало да значи и зголемување на нови кредитни пласмани. Ова ќе биде позитивно за зголемување на бруто домашното производство.
Огромниот фискален стимул од 800 милијарди долари, при крајот на 2008, се очекува да има позитивно влијание на американското стопанство во текот на 2010. Годинава, се очекува и значајно зголемување на производство на нафта во Ирак, што би требало да ја стабилизира цената на нафта. Како најголем увозник на нафта во светот, пониската цена на нафта, споредено со 2008, ќе има позитивен ефект врз американската економија. Податоците од општата потрошувачка во последните неколку месеци покажуваат дека се враќа довербата кај американските домаќинства. Таа претставува 70 отсто од американската економија и враќањето на довербата кај домаќинствата. Зголемената потрошувачка ќе биде значаен индикатор за брзината со која ќе расте американската економија во 2010 и натаму. Конечно, цените на недвижности веќе се стабилизираа, а во некои градови дури и почнаа да се зголемуваат. Комбинирано со огромното зголемување на берзите од над 60 отсто, споредено со дното во март 2009, генералното ниво на богатство на домаќинствата во САД е драстично подобрено. Оваа повторно би требало да резултира во зголемување на општата потрошувачка во САД годинава.
Значи нема сомнеж дека состојбите денес во најголемата економија во светот се далеку подобри од пред девет месеци. Но, постојат и голем број негативни економски фактори, кои потенцијално ќе го усложнат економското заздравување на американската економија, што, пак, ќе има последици и вр�� глобалната економија.
Во идната колумна ќе ги анализираме овие фактори пред да донесеме заклучок каков може да биде исходот за економијата на САД во 2010, а преку тоа и за глобалните движења, како и економијата во Република Македонија.
(Авторот е економски аналитичар) |