Патот на Истанбул до европска престолнина на културата
Степенот до кој градовите можат да ги зачуваат своите културни наследства е соодветен со степенот до кој тие можат да го носат своето минато во иднината
Ерол Ризаов
Истанбул, еден од најубавите градови во светот, со почетокот на годината почна да го живее својот живот на европска престолнина на културата. А зошто и да не кога фасцинантниот Стамбол низ својата бурна историја единствен во светот бил главен град на три најголеми империи: Римската, Византиската и Отоманската. Само Кемал Ататурк имал храброст да го пресели административниот центар на трите империи од Босфорот во Анадолија, во Анкара. Историјата кажува дека не згрешил.
Истанбул не е само географска раскрсница меѓу Европа и Азија, туку и значаен центар каде што со векови егзистираат различни култури, вери и јазици без оглед на огромната промена на општествено-политичките и економски уредувања. Истанбул остана убавец на ориентот за сите времиња. Покрај тоа што е главен град на три големи империи, тој е центар на трите најголеми религии: христијанството, јудаизмот и исламот. Точно 21 град-држава, во еден период од својата историја, го признале Истанбул како нивни главен град. Сега тие градови се престолнини на разни држави на три континенти. Овој мегаполис со близу 20 милиони жители им овозможува на луѓето од десетици држави со различни религии, различни јазици и верувања да живеат, работат и заработуваат заедно. Ова искуство трае стотици години. Тоа историско, драматично и славно минато создаде екстракт од вековно битисување на три империи, на три големи различни култури и десетици различни јазици што сите заедно му подарија на Истанбул специфична култура на заедничко живеење, уникатен космополитизам што е одлика на високи цивилизациски достигања. Сите етнички заедници во Истанбул низ долгата историја на владеење на империи и императори успеаја да ги зачуваат сопствените идентитети и специфични различности - етнички, јазични, верски и културни традиции. Кога во соседните држави се случуваа големи војни, крвави настани, луѓето во Истанбул од различни религии и различни нации, живеејќи еден до друг, во иста зграда, живеејќи еден со друг можеа да си ги одживеат своите животи во мир далеку од воените виори. Тоа не беше можно без длабоко почитување и уважување на посебностите и различностите.
Истанбул е еден од ретките градови кој може да му покаже на светот какво богатство може да се произведе кога луѓето со различни убедувања и култури живеат заедно. Во време на подготовките за проектот „Истанбул 2010 - европска престолнина на културата“, ова културно спојување на минатото, сегашноста и иднината е изразена во фразата: „Град од четири елементи“. Концептот на „четири елементи“ е античка филозофска теорија развиена од Талес, Анаксимандер и Анаксимен, тројца мислители кои живееле во градот Милет во западна Анадолија во 7-6 век пр.н.е.. Теоријата тврди дека се' во универзумот е сост��вено од различни комбинации на земја, воздух, вода и оган. Аристотел, во последните години од својот живот кои ги минува во западна Анадолија, ги поставува темелите на науката и филозофијата.
Концептот на европската престолнина на културата која првпат се појавува во 1980-тите години е предлог на тогашната славна грчка министерка за култура, Мелина Меркури, што беше прифатен од страна на Советот на министрите на Европската унија. Титулата почна да им се доделува на градовите што придонеле за Европа и европската култура. Првиот град на кој му беше искажана оваа чест беше Атина во 1985 година. Каков е патот да се стаса до европска престолнина на културата, прашав неодамна во Агенцијата за промоција на Истанбул. Еве ги сублимирани одговорите на луѓето што го донесоа Истанбул до европска престолнина за 2010 година. Во периодот меѓу 1985 и 2000 година, титулата се доделуваше на градови само на земји кои беа членки на Европската унија. Во 2000 година, за да се одбележи почетокот на новиот милениум, титулата на европска престолнина почна да се доделува не само на еден град, туку на градови и на земји кои беа кандидатки за членство во ЕУ. Токму оваа одлука беше таа што го стави Истанбул на патот да стане европска престолнина на културата. Во 1999 година, веста дека Европската унија донесе одлука да го прошири проектот Европска престолнина на културата, за да ги вклучи и земјите кои не се полноправни членки на ЕУ, создаде огромна возбуда меѓу група волонтери од граѓанското општество во Турција кои го следеа ова прашање. Иницијативната група презеде неопходни чекори Истанбул да стане кандидат за европска престолнина на културата. До тој момент, европските искуства кажуваат дека секогаш централната или локалната власт беше таа што го преземаше водството во градовите што учествуваа во програмата Европска престолнина на културата. Со Истанбул, првпат тоа беше резултат на иницијатива од граѓанско општество. Ова подоцна стана важен критериум за еден град да биде избран за европска метропола на културата. Откако иницијативната група обезбеди поддршка од локалната и од централната власт за кандидатурата на Истанбул за европска престолнина се воспоставија контакти со универзитети и други организации на граѓанското општество. Таа иницијативна група контактираше и со ЕУ и нејзините помошни органи и ги посети градовите кои претходно беа европски престолнини на културата. Премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги покани сите јавни институции и организации од граѓанското општество да го поддржат процесот. Во иницијативната група влегоа луѓе кои ја осигураа поддршката од државата. Групата продолжи да функционира без да го загуби духот на граѓанската партиципација. Така, на 13 декември 2005 година, претставници на граѓанското општество и на власта поднесоа кандидатура до генералниот директор на Европската комисија за образование и култура, Николаус ван дер Пас. По успешните презентации пред Комисијата за селекција на Европа, во април 2006 година, е обелоденета одлуката Истанбул, заедно со Печуј од Унгарија и Есен од Германија, е прогласен за европска престолнина на културата за 2010 година. Познатиот британски продуцент и извршен директор, сер Џереми Ајзакс, ја обелодени одлуката на жирото со зборовите: „Основниот процес, како и активната улога на граѓанското општество во подготовките на предлог (на Истанбул), се сметаат како круцијален капитал“. Откако го доби одобрувањето од релевантните институции во ЕУ, Истанбул на 13 ноември 2006 година беше прогласен за европска престолнина на културата за 2010 година.
Нури Чолакоглу, претседател на Извршниот комитет на Истанбул за 2010 престолнина на културата, вели дека нивно главно мото и адут е дека степенот до кој градовите можат да ги зачуваат своите културни наследства е соодветен со степенот до кој тие можат да го носат своето минато во иднината со цел урбаната свест да го достигне посакуваното ниво и да се реализира културната промена. Во Агенцијата за Истанбул 2010 година европска престолнина на културата се горди на светот да му се покажат трајните вредности на еден долг 300-годишен период на мир и заеднички живот што владеел за време на Турската Империја додека во Европа се воделе крвави војни.
Во Агенцијата за подготовка на Истанбул за главен град на европската култура во канцеларијата на првиот човек Нури Чолакоглу, со колегата Ремзи Џанова видовме многу папки со програми од соседните земји кои ќе партиципираат со свои инсталации и културни вредности во Истанбул во текот на 2010 ��одина. Ја нема папката од Република Македонија. Никој не ја доставил, никој не прашал дали и за нас има едно место во стотиците манифестации на европската култура. Македонија се' повеќе се оддалечува од Европа. Тоа е една друга тажна приказна која ќе ви ја раскажам во друга пригода. Сега само ја соопштувам ако нешто може да се поправи. Долга е годината, а Истанбул кон Македонија отсекогаш негува огромни симпатии. Појдете, направете нешто додека има време. |