Изгубениот дух го бараат во „Свети Јован Бигорски“
Во манастирот веќе десет години со голем успех се лекуваат зависници од дрога и од алкохол
Горан Адамовски Киро Кипроски
„Свети Јован БИГОРСКИ“ - „Уште во осмо одделение почнав да пушам марихуана. Од прва мислев не е ништо страшно, цело друштво пушеше. Пиевме алкохол и пушевме трева. Но, со годините почнав да земам посилни дроги. Стигнав до хероин и до кокаин. Веќе немав претстава за реалниот свет. Живеев во некој свој филм, се плашев да се соочам со реалноста. Имав лошо друштво, еден од најдобрите другари го затворија поради убиство, друг заглави во болници. Дома постојано правев проблеми. Станав неподнослив, моите ме избркаа од дома. Животот веќе ми немаше смисла и тогаш се одлучив да дојдам тука“.
Ова е исповед на 24-годишно момче од Скопје. Тој е еден од дваесетината млади луѓе што проблемот со својата зависност од дрога или алкохол ја лекуваат во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Таму е веќе четири месеци. Дрога не консумира воопшто, дури и цигарите ги оставил. Има огромна волја за живот. Во манастирот го пронашол мирот, душата му се вратила. И родителите почнале да го посетуваат. Упорен е, вели дека никогаш повеќе нема да си дозволи да употребува дрога.
„Да ги видите какви се кога доаѓаат во манастирот“, ни вели архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир каде што веќе десет години се работи и на оваа тешка проблематика. „Психофизички изгледаат уништено. На лицето и во очите им се забележува духовно мртвило. Лесно може да се констатира дека со нивната личност раководи демонот преку ужасната страст“, ги толкува на свој начин маките на овие луѓе отец Партениј. Како што вели, успешноста на лекувањето е речиси стопроцентна. Апстинентите во манастирот минуваат од 6 до 12 месеци и кога ќе добијат благослов да се вратат во реалниот свет - ретко кој и' се враќа на дрогата.
„Во 100 случаи, само едно чедо повторно скршнува од вистинскиот пат“, вели отец Партениј. Сите методи за лекување се од духовна природа. Индивидуални или заеднички разговори на духовникот со зависниците, задолжително присуство на богослужбите, секојдневно слушање на Евангелието и поуките за време на трпезите. Заедно со нив и верниците што доаѓаат во манастирот. Заедно се на трпезите, во слободното време или кога се работи како сега кога се гради изгорениот манастир. Моментно во манастирот има дваесетина апстиненти на возраст од 16 до 30 години.
Првите контакти со зависниците се остваруваат телефонски, иако се случува тие самите или, пак, со своите родители директно да дојдат во манастирот, по што врз основа на нивната психофизичка состојба, односно нивната волја за лекување, се врши процена дали ќе бидат примени или не.
Најголем дел од нив предходно биле лекувани во медицински установи, но по апстиненцијата, повторно се враќале во канџите на дрогата. Штом влезат во манастирот, метадонска терапија можат да користат најмногу две недели, при што терапијата се спушта на нула. Апстинентот одвреме-навреме може да добива „диjазепам“ или други медикаменти за смирување, но во сосема мала количина, а до „смиреноста на духот се доаѓа преку вистински христијански начин на живеење“.
„Апстиненцијалните кризи се еден од најтешките периоди на зависникот. Проследен е со многу болки, препотување, нервоза, потреба од лекарства за смирување и чести помисли за напуштање на манастирот, а добиваат и суицидни мисли. Првите две недели по доаѓањето во манастирот, апстинентите претежно го минуваат времето во постела, чувствуваат исцрпеност, проследена со многу болки во коските. Тоа е најтешката борба, тука најмногу имаат потреба од духовник, но со Божја помош и со помош на духовникот, повеќето од нив, од неа излегуваат како победници. Ваквите кризи, проследени со телесни манифестации, траат најмногу еден месец“, зборува отец Партениј. Кај апстинентите особено се изразува слабата волја, колебливоста дали ќе можат да издржат до крај, расеани се, слабо паметат. Отецот заедно со духовниците по потреба се консултираат и со лекари, кои го посетуваат манастирот и знаат за работата во него.
Дваесет и шестгодишниот Иван (името е измислено) почнал да се дрогира откако почнал љубовна врска со девојка што консумирала дрога. „Во манастирот ме донесоа родителите. Тука сум веќе три месеци. Времето ни е целосно исполнето, немам време да размислувам на работи што ми го гризеа мозокот“, вели тој.
Будењето во манастирот секој ден е во 5 часот наутро. Богослужбите, појадокот, физичката работа во манастирот или нивите, ручекот што се служи во 17 часот и вечерта што е задолжена за читање и разговори со духовниците, им го исполнува денот на апстинентите. Телевизија гледаат многу ретко кога има некој важен спортски натпревар или некој филм. Самото лекување е поделено во три фази.
„Првата фаза се состои од детоксикација, чести разговори со духовникот за наркоманијата како големо зло и посочување литература како основно запознавање со христијанските вистини, бидејќи тоа се претежно млади луѓе кои немаат основни познавања за верата“, вели отец Партениј. Во втората фаза, откако апстинентот физички наполно се очистил, се преминува на разговори за првата исповед. Во многу случаи таа не е доволно искрена, бидејќи апстинентот се срами од своите поранешни дела, но секоја наредна е се' поотворена. Оваа фаза трае од три до четири месеци.
„Во третиот дел од лекувањето, кој може да трае од шест до 12 месеци, апстинентот е целосно избавен од погубната страст и веќе од неговите мисли е исклучена можноста да посегање по наркотици. Тие заминуваат во своите домови, се социјализираат, многупати се вработуваат по препорака на самиот манастир. Но, нивната приврзаност кон духовникот и кон манастирот останува до крајот на овој земен живот“, раскажува архимандритот на Бигорскиот манастир.
Шест месеци чист живот се зад 22-годишниот Влатко. Тој почнал да користи дрога откако се развеле неговите родители. Тој и неговите „колеги“ речиси сиот ден го минуваат во изградба на изгорениот манастир. Ноќта кога гореше манастирот, апстинентите и верниците што се најдоа таму, голи и боси истрчаа надвор и го гасеа пожарот, обидувајќи се да спасат што можат. Со денови плачеа и тагуваа за тоа што се случи. Полицијата им вршеше тест на урината и на крвта. Сите беа чисти. Сега од утро до мрак растовараат вреќи, цигли, помагаат во надеж дека манастирот повторно ќе биде како што беше пред кобниот пожар.
Тие веројатно нема да бидат таму за две години кога се очекува да заврши реновирањето на „Свети Јован Бигорски“, но речиси сигурно ќе се враќаат во местото каде што добија шанса за втор живот. |