Смартфоните им го преземаат пазарот на ГПС-уредите
Индустријата многу брзо созрева - смартфоните со сателитската технологија стануваат главни играчи на пазарот
БЕРЛИН - Автомобилските уреди за навигација - опрема на контролните табли низ светот во последните седум години, можеби наскоро ќе почнат да исчезнуваат, истакнуваат индустриските експерти, бидејќи сателитски следената технологија е апсорбирана во смартфони и автомобили.
„Берг Инсајт“, шведска истражувачка компанија што ја следи навигациската индустрија, проценува дека бројот на личните уреди за навигација што се испорачуваат глобално ќе достигне максимум во 2011 година, и ќе изнесува 42 милиони, што значи зголемување од 40-те милиони оваа година, а потоа ќе почне постепено но незапирливо да опаѓа. Компанијата смета дека годишната испорака на уредите, кои ја одредуваат локацијата преку комуникација со глобалните сателити за позиционирање, ќе падне на 30 милиони во 2015 година.
„Причината поради која се случува ова во основа се смартфоните“, вели Том Слоб, аналитичар на холандската банка Рабобанк од Амстердам. „’Гугл’ и ’Нокија’ решија да ја дадат таа технологија бесплатно. Тоа го смени бизнисот“.
Дали конкуренцијата од индустријата на мобилни телефони ќе биде фатален удар за пазарот за авто-навигација, сепак останува да се види. Индустриските лидери „Гармин“ и „ТомТом“ возвраќаат, усовршувајќи ја реалната сообраќајна технологија и создавајќи вградени навигатори во контролните табли за авто-производителите, како што се „Рено“, „Мазда“ и „Фиат“. „Технологијата делумно е апсорбирана во смартфони и вградени уреди во таблите“, вели Кевин Рукман, главен финансиски претставник на „Гармин“. „Сведоци сме дека индустријата многу брзо созрева. Но, тоа на ниту еден начин не значи крај за нашиот бизнис“.
Без оглед како напредуваат компаниите како што е „Гармин“, неизвесноста околу индустријата за лична навигација, чии уреди почнаа да се појавуваат на контролните табли во 2003 година, е уште еден пример за начинот на кој смартфоните нарушуваат многу компании за потрошувачка електроника.
„Епл“ забележа како продажбата на нејзините популарни интернет уреди „ајфон“ и „ајпод“ ја „голтна“ онаа на нејзините „ајпод“ музички и видео плеери. Продажбата на „ајпод“ достигна максимум во 2008 година, една година откако „Епл“ го претстави „ајфон“ со 55,4 милиони парчиња, покажуваат податоците на „Епл“, а минатата година падна на 52,4 милиони.
Глобалните испораки на дигитални камери, уште еден уред што сега е вообичаено интегриран во смартфони, падна на 125 милиони парчиња во 2009 за разлика од 140 милиони во 2008 година, тврди Андре Малм, виш аналитичар од „Берг Инсајт“ во Гетеборг, Шведска.
Малм вели дека најголем дел од опаѓањето веројатно било предизвикано од глобалниот економски застој, но смартфоните - некои сега имаат камери со 12 мегапиксели - дефинитивно ја уништуваат продажбата на дигитални камери. „Нокија“, која продава околу 106 милиони смартфони годишно, сега тврди дека е најголемиот произведувач на дигитални камери во светот. „Нема сомнение дека смартфоните трансформираат многу од тие пазари, не само уредите за навигација, туку и камери и медија плеери. Тие пазари нема да исчезнат, но суштински ќе се сменат“, смета Малм.
Бизнисот со авто-навигација беше во подем до октомври 2008 година, кога „Гугл“ го претстави оперативниот систем „Андроид“ за мобилни апарати што ги прошири „Гугл мапс“ и неговите навигациски програми за мобилни телефони. Оттогаш, 45 милиони луѓе купија телефони „андроид“ со ГПС, и според Гартнер, многу од нив ги користат во автомобилите.
За да не биде надмината, „Нокија“, која продава повеќе мобилни телефони од која било компанија, во јануари почна да го подарува сопствениот софтвер за навигација „Ови мапс“ на корисниците на нејзините смартфони. „Нокија“ продава околу 290.000 смартфони секој ден низ светот, само 26,5 милиони во третиот квартал.
Разидувањето со одлуките на „Гугл“ и на „Нокија“ ја вознемири индустријата каде што доминира „Гармин“, лидер на пазарот со седиште во Швајцарија. Продажбите на „Гармин“, кој има 35 отсто од глобалниот пазар, се намалија за 11,4 отсто во третиот квартал и достигнаа 692,4 милиони долари. Благодарение на 68,6 милиони долари од некогашните даночни бенефиции, компанијата пријави зголемување од 30 отсто на нето профитот во текот на кварталот, односно 279,6 милиони долари.
Рукман, главниот финансиски претставник на „Гармин“, смета дека опаѓањето делумно се должи на конкуренцијата од смартфоните и вградените уреди, но, исто така, и на се' поголемата достапност на ГПС навигатори во автомобилите. Тој проценува дека се инсталирани во 25 отсто од 700 милиони автомобили во светот. Рукман вели дека смартфоните не можат да се натпреваруваат со специјализираните навигатори како „нуви 3790 ЛМТ“ на „Гармин“, што нуди опција за препознавање на говорот, и тродимензионален приказ на улиците. „Интерфејсот на корисникот во нашите уреди е многу полесен за користење отколку смартфонот. Поради тоа луѓето се подготвени да платат за нашите производи“, додава тој.
Тим Флајт, уредник на веб страницата за оваа индустрија GPSReview.net вели дека е премногу рано да се пишува некролог за уредите за авто-навигација. „Многу корисници на ГПС сега купуваат втор апарат“, вели Флајт, со седиште во Карабасет Вели, Мејн. „Убеден сум дека обичниот корисник можеби ќе биде задоволен со смартфон, но луѓето кои се потпираат на тие уреди сепак ќе изберат реален навигатор“.
(Интернешенел
хералд трибјун) |