Мислења
Зошто ММФ ни зајмува пари?
Ден Дончев
Треба да внимаваме како Владата ќе го потроши овој кредит од ММФ. И не треба да заборавиме – кога-тогаш кредитот ќе мора да биде вратен
Леснотијата со која на Македонија и' беше одобрен заем од 480 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) беше предмет на многу муабети, шпекулации и теории на повеќе нивоа во македонското општество. Во нашата колективна меморија се' уште се свежи сеќавањата од преговорите на македонските влади со ММФ во последниве петнаесет години. Затоа може да направиме споредба меѓу процесот на преговарање за склучување аранжмани со ММФ во минатото и очевидната леснотија со која пред неколку дена Владата ја доби таканаречената кредитна линија за претпазливост.
Пред десет години, со месеци се водеа жешки преговори со ММФ за да се склучи аранжман за заем од само 50 милиони долари. Сите аранжмани беа врзани со одредени услови кои македонската држава требаше да ги исполни. Бевме условувани со затворање или продажба на одредени загубари, продажба на компании во државна сопственост, одржување ниска стапка на инфлација, одржување одредено ниво на девизни резерви и поставуваа многу други микро и макроекономски услови. Бидејќи преговорите траеја толку долго и опфаќаа различни сфери од македонската економија, главниот преговарач на ММФ во Македонија, генерално, стануваше општо познат за широката македонска јавност.
Во услови кога Република Македонија реално е се' поизолирана на политички план, вклучувајќи регионална, билатерална и мултилатерална изолација, се поставува прашањето како Владата успеа толку лесно да добие кредитна линија од ММФ? И тоа кредит со рекорден износ од 480 милиони евра, во релативно кус рок и, згора на се', без некои посебни услови што треба да се исполнуваат!?
Некои поддржувачи на Владата веќе шират разни муабети. Едни велат дека ова е доказ дека Република Македонија има поддршка на меѓународен план, други велат дека ова е доказ оти имаме поддршка во нашиот спор со Грција. Трети велат дека „врските“ на Груевски и Ставрески со ММФ биле многу јаки и тие врски им го „средиле“ кредитот од ММФ!?
А каква, всушност, е вистината?
За глобалната економија, втората половина од 2008 и 2009 година, несомнено, беа едни од најтешките години на економски план во последните седум децении. Причините за ова голема криза се комплексни, а тоа, секако, е посебна тема. Но, одговорот на поставеното прашање: зошто Македонија толку лесно доби толку голем заем од ММФ, всушност, се наоѓа во последиците од глобалната економска криза.
Директната последица од светската економска криза беше падот на глобалното бруто домашно производство (БДП) во 2009 година. Но, всушност, уште пострашна потенцијална бомба во оваа криза беше падот на таканаречената агрегатна побарувачка. Економскиот термин „агрегатна побарувачка“ го означува збирот на БДП плус промената во задолжувањето. Станува збор за комплексна економска тема, но во суштина може да се каже дека агрегатната побарувачка утврдува дали постои инфлација или дефлација во економијата.
Во почетокот на 2009 година, глобалната економија беше на прагот на една дефлаторна спирала која се закануваше да го повлече светот во глобална депресија со слични економски реперкусии како оние од триесеттите години од минатиот век. На глобално ниво, малкумина луѓе од денешната генерација живееле во свет каде што се случува дефлација. Всушност, сите сме живееле во свет каде што единствено што ни е познато е инфлација. Инфлацијата е нормална појава во економија која расте и напредува доколку се држи во прифатливи рамки. Како пример, вграден во основниот мандат на Европската централна банка (ЕЦБ) е одржување годишна стапка на инфлација до 2 процента. Но, висока стапка на инфлација може мн��гу брзо да прерасне во хиперинфлација, како што беше случајот со Србија во првата половина од деведесеттите години од минатиот век. Хиперинфлацијата уништува економски вредности и нанесува огромни штети на голем дел од општеството.
На сличен, но според некои економисти уште пострашен начин дефлацијата нанесува економски штети. Во услови на дефлација, цените на сите добра, услуги, недвижен имот, како и речиси се' друго постојано опаѓа. Последниот пример на континуиран период на дефлација беше во триесеттите години од минатиот век. Еден од основните двигатели на дефлација е фактот што под вакви услови нето задолжувањето во економијата континуирано опаѓа. Со други зборови, поединци, семејства, компании, институции и држави влегуваат во една спирала на континуирано намалување на својот постоен долг преку продажба на имот, а целта е да се намали долгот или, пак, преку се' поголема заштеда на редовните приходи да се исплаќа што поголем дел од долгот.
Во услови на дефлација, нето задолжувањето на агрегатно ниво континуирано опаѓа и затоа се намалува вкупната парична маса во економијата. Тоа ��ште повеќе ги зајакнува силите на дефлацијата. Бидејќи има се' помалку пари во економијата, нештата стануваат поевтини. Невработеноста нагло се зголемува, а нето задолжувањето континуирано опаѓа. Токму ова се случи од 1929 до 1938 година на глобално ниво.
Силите на дефлацијата, без сомнеж, добија замав во почетокот на 2009 година. Но, поучени од ова искуство, глобалните централни банки, предводени од Америка и од Европа, ги намалија каматните стапки под 1 процент и истовремено нагло ја зголемија паричната маса во економијата. Во овој контекст, на историскиот самит на Г-20 (дваесеттите најразвиени економии во светот) во Лондон на 2 април 2009 година беше одлучено финансиските средства со кои располага ММФ да бидат триплирани. Тоа драстично ја смени улогата на ММФ од тоа како функционираше дотогаш.
Значи, со цел да се зголеми агрегатната побарувачка на глобално ниво (што подразбира да се зголемува нето задолжувањето на глобално ниво), ММФ денес зајмува пари на секоја земја која сака да зајми и која колку-толку се смета за кредитно способна. Но, тоа никако не треба да го сфатиме како „лесни пари“. Кога-тогаш агрегатната побарувачка на глобално ниво ќе се стабилизира. Идните генерации на Република Македонија ќе треба да си го отплаќаат овој долг, без разлика како денешната Влада ќе одлучи да ги истроши.
Како и да е, Република Македонија, сепак, ќе учествува во исполнување на задачата на ММФ да ја зголеми агрегатната побарувачка на глобално ниво. Но, ни преостанува да бидеме будни како Владата ќе ја потроши оваа кредитна линија од ММФ. И, се разбира, не треба да заборавиме – кога-тогаш кредитот ќе мора да биде вратен.
(Авторот е економски аналитичар) |