Во некои градови нема кабелска телевизија
Кабелски нема во Дојран, Ресен, но во некои села има и по неколку оператори
Сања Наумовска
Жителите на Дојран, Ресен и уште неколку градови и населени места низ земјата не користат услуги од кабелски оператори. За разлика од нив, жителите на виничко Истибања, селото Спаничево во општина Чешиново-Облешево, прилепско Црнилиште или, пак, гостиварскиоте села Врапчиште и Боговиње имаат кабелска телевизија. Ваква услуга добиваат и Арачиново, Липково, Батинци, Лабуниште, Ростуше и кумановското Агино Село.
Македонскиот пазар и по повеќе од една деценија од појавувањето на кабелските е нерамномерно покриен со нивната услуга. Во некои општини со неколку илјади жители нема ниту една кабелска, а во други, пак, можеби и помали, има по два или три оператори. Единствена причина за тоа, потенцираат операторите, е економската исплатливост.
Во Скопје услуга нудат дури девет оператори. Целиот град е поделен на неколку подрачја. Своја кабелска имаат дури и во селото Долно Лисиче, а два оператори услуга нудат во општината Сарај. Во Гевгелија и во Струга заедно со околните села има по пет кабелски, а во Кумановско четири оператори. За разлика од овие градови, во Битола и во Струмица, пак, услуга нудат три, а во Прилеп само два кабелски оператора. Конкуренцијата е голема и во Виница, Кочани и Богданци каде што има по три оператори. Во помалите места, како што се Градско, Пробиштип, Делчево, Пехчево, Демир Хисар и други граѓаните имаат само една опција при изборот на кабелски оператор.
Заитересираноста на потенцијалните претплатници, која се испитува пред да се почне со воспоставување на мрежата е најважниот фактор при донесувањето на одлуката.
„Некои скопски населби имаат повеќе претплатници од цел град во внатрешноста, па поради тоа, и конкуренцијата тука е најголема. Онаму каде што одреден минимален процент од населението не е заинтереирано за нашата услуга, изградбата на мрежа е нерентабилно“, велат операторите. Оваа состојба е особено потенцирана во руралните средини каде што густината на населението е помала, па и вложувањата на кабелските оператори во изградбата на мрежата треба да се поголеми. Во градовите, пак, каде што населението е концентрирано, инвестициите се многу помали.
Во Македонија вкупно има 75 кабелски оператори. Колку вкупно од територијата на земјата ја покиваат со својата услуга точно не се знае. Во Агенцијата за електронски комуникации велат дека доколку станува збор за изградба на комуникациска мрежа, правното или физичкото лице, пред да започне, покрај обврската да достави нотификација во Агенцијата, треба да поднесе барање за добивање на одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски, односно надлежниот орган на локалната самоуправа, во зависност од категоријата на градба, а во согласност со законот за просторно и урбанистичко планирање и законот за градење. Регистрацијата во Агенцијата не претставува доволен услов за остварување на правата и обврските на операторите или давателите на услуги согласно Законот за електронските комуникации или друг закон. Потврдата за регистрација издадена од Агенцијата сама по себе не создава права или обврски согласно Законот за електронските комуникации, доколку не бидат исполнети другите услови предвидени со Законот за електронските комуникации и друг закон, информираат од Агенцијата. |