Интервју
Ќе изградиме гигабитно општество
Николај Бекерс, главен извршен дир��ктор на „Македонски телеком“
„Идната година во Скопје ќе ја прошириме ФТТХ-технологијата и ќе обезбедиме околу 8.000 семејства со оваа технологија“, вели Николај Бекерс, главен извршен директор на „Македонски телеком“
Александрија Стевковска
Господине Бекерс, изминува уште една година во која се чувствуваат последиците од економската криза. Како таа се одрази врз „Македонски телеком“?
Се' уште не можам да зборувам за конкретни бројки, но очекувам дека ќе ги исполниме нашите планови. Што се однесува до последиците од економската криза, реално таа се почувствува во сите сегменти од економијата, иако се чини дека нејзиното влијание врз телекомуникациските оператори не беше изразено во голема мера. Дури и во рецесија, луѓето мораат да комуницираат. Притоа, Интернетот и мобилната телефонија предничат како основни канали за меѓусебно поврзување и комуницирање на корисниците. Телекомуникациите се динамична област. И во услови на рецесија, компанијата треба да биде флексибилна и внимателно да ги следи движењата не само на пазарот, туку и во светски рамки. Истовремено, таа мора да се приспособува на пазарот, да биде иновативна и да креира производи и услуги што се во согласност со потребите и финансиските можности на корисниците.
Беше најавено спојување на „Т-хоум“ и „Т-мобиле“, до каде е тој процес?
Објавивме дека компаниите направија анализи и првата фаза од анализата покажа позитивни резултати. Сепак, мора да се истакне дека спојувањето на компаниите не е процес што може да се направи преку ноќ и за кратко време. Тоа е сложено прашање кое ги засега акционерите и кое бара дополнителна сеопфатна анализа за да може да се предвидат сите аспекти и резултати од спроведувањето на еден таков процес. Ако погледнеме во светски рамки, во телекомуникациската индустрија постои тренд на спојување, при што компаниите се обидуваат да најдат најдобар начин за водење на бизнисот, кој во исто време го оптимизира нивното работење, а паралелно значи обезбедување подобрени и поедноставни услуги за корисниците. Евентуалното спојување ќе придонесе кон зајакнување на водечката пазарна позиција на двата бренда – „Т-хоум“ и „Т-мобиле“ во конкурентното телекомуникациско опкружување во Македонија. Ваквата одлука несомнено ќе придонесе за нови иновативни решенија, модернизација на инфраструктурата, следење на европските стандарди и трендови и за подобрени конвергирани продукти и услуги што ќе одговорат на зголемените барања на корисниците.
Сепак, како што веќе напоменав, ова е прашање за кое конечната одлука треба да ја донесат акционерите на компанијата. Кога ќе се случи тоа, не можеме да прецизираме.
Дали сте задоволни од интересот за користење на услугата „3 макс“ и колкав број корисници имате?
Нашата цел е да ги задоволиме барањата и желбите на корисниците за модерни и иновативни, но во исто време и едноставни и лесно достапни услуги, на најдобар можен начин. Сметам дека со Макс ТВ навистина го исполнивме ова очекување. Макс ТВ како услуга е единствена на пазарот, која нуди наполно различно телевизиско искуство и доживување. Квалитетот на сликата, достапните содржини, но во најголема мера интерактивноста се карактеристики кои вистински ја диференцираат од сите останати телевизиски понуди на пазарот и ја прават препознатлива и посакувана од страна на корисниците. Сето тоа ни помага да се позиционираме како најдобар провајдер на дигитална телевизија во Македонија и на граѓаните да им понудиме телевизија со одличен квалитет, каков што и заслужуваат. Согласно со оваа наша заложба, реакциите на корисниците се видливи, а проектираните резултати се остваруваат. Бројот на корисници на Макс ТВ е во постојан пораст, а и пазарното учество се зголемува од месец на месец. Имајќи предвид дека Макс ТВ се појави како предизвикувач на пазарот на кој доминираа кабелските оператори, сметам дека бројката од над 30.000 корисници, со која се надеваме дека ќе ја завршиме 2010 година, навистина е за почит.
Оптичкиот кабел е инвестиција која има цел поквалитетни услуги. Колкава е покриеноста со оптика?
„Оптиката до домот“, која овозможува пренос на повеќе податоци, на поголеми растојанија и на посигурен начин отколку другите технологии е еден од нашите клучни проекти преку кој планираме да изградиме гигабитно општество. „Оптика до домот“ моментално е најнапредната технологија во употреба за телекомуникациски услуги, со практично неограничени м��жности. „Македонски телеком“ е горда што е прва компанија во Македонија која ја донесе оптиката до домот и е една од лидерите во регионот, покажувајќи уште еднаш дека е супериорен бренд кој секогаш е иновативен и во тек со светските трендови.
Но, треба да истакнам дека ваквите зафати се многу крупни и бараат време за реализација. Поставувањето на оптиката се одвива фазно, од едноставна причина што не е возможно физички мрежата да се имплементира истовремено низ целата држава. Развојот на проектот се одвива согласно со планираното. Иако првично оптиката ја инсталиравме во некои делови од Скопје, интензивно работиме на проширување на мрежата и на зголемување на покриеноста со оптика. Досега во Скопје со оптика се покриени Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Лисиче и Чаир, како и делови на Тетово, Теарце, Куманово, Штип, Гостивар и Струмица. Се надеваме дека до крајот на годината ќе имаме поминати домови од 26.000 семејства. Со проектот „Оптика до домот“ не запираме тука. Планираме интензивно да ја прошируваме мрежата со цел оваа напредна технологија да биде подостапна за поголем број граѓани.
Tаму каде што услугата „Оптик“ е веќе достапна, на корисниците им нудиме можност услугата да ја пробаат еден месец без доплата и да почувствуваат Интернет со брзина на светлината, да гледаат телевизија, како што е, на пример, Лига на шампионите со кристално јасна слика во висока ХД-резолуција и да добијат подарок безжичен рутер и бесплатна инсталација.
Споменавте дека планирате да изградите гигабитно општество.
Како компанија усвоиме нова интерна стратегија за развој и унапредување на компанијата, која се потпира на три основни постулати: одржувај - трансформирај - иновирај. Оваа порака е нашиот нов патоказ што ќе го следиме наредните неколку години и врз чија основа не само што ќе ја градиме нашата корпоративна култура туку таа претставува и основниот двигател за остварување на стратегијата на компанијата.
Во таа насока, изградбата на гигабитното општество ќе се направи со трансформирање на постојната инфраструктура, мрежата и процесите. Со проектот „Оптика до домот“, практично започнавме со постепена изградба на гигабитното општество. За таа цел, планираме идната година само во Скопје да ја прошириме ФТТХ-технологијата и да обезбедиме околу 8.000 семејства со оваа најнапредна технологија.
Сето ова го правиме затоа што на глобално ниво се очекува пораст на податочниот сообраќај. Според најновите истражувања, до 2015 година еден корисник ќе користи обем на податоци од околу 14 гигабајти месечно. Предмет на интерес од страна на корисниците ќе бидат забавните видео и содржини, како и нови софтверски апликации.
Дали останатите оператори на пазарот ги сметате за сериозна конкуренција?
Конкуренцијата е здрава работа која помага реално да согледате каква е вашата позиција на пазарот, кој и какви услуги им нуди на корисниците. Она по што се разликува „Македонски телеком“ од другите се иновативните и супериорни производи и услуги со врвен квалитет. Тука, се разбира, мора да ги споменам дигиталната телевизија и оптиката, услуги кои први ги воведовме на македонскиот пазар и се одлично прифатени од страна на корисниците.
Уште една услуга која прв пат се понуди не само во Македонија, туку и во рамките на групацијата „Дојче телеком“, и на која сме особено горди, е услугата „3 скрин“. Со оваа услуга, „Македонски телеком“ им овозможи на граѓаните несекојдневно и незаборавно искуство - да ги следат натпреварите од Светското првенство во фудбал во живо на ТВ со висока резолуција, на мобилни телефони и директно на Интернет на своите компјутери. Денес ја имаме најдобрата телекомуникациска мрежа во Македонија, при што дури и посетителите од Австралија и од Германија се импресионирани од квалитетот и од брзината што се нудат по прифатливи цени. Од друга страна, се издвојуваме од конкуренцијата и по примена на највисоките стандарди, принципи на транспарентно и одговорно работење внатре во компанијата, но и во комуникација со нашите бизнис-партнери. А како круна на сето ова е Сертификатот за добро корпоративно управување, кое го добивме минатата недела од невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“.
Какви се плановите за наредната година?
Пред се', мора да работиме на продлабочување на нашата долгогодишна соработка со корисниците. Тие се постојано во фокусот на нашиот интерес. За жал, се' уште добиваме приговори од корисниците, но секогаш се обидуваме да ги решиме овие прашања колку што е можно поскоро.
Главната визија на „Дојче телеком“ е поврзан живот и работа, што подразбира трансформирање на мрежите и процесите за да изградиме гигабитно општество. Планираме во наредните три-четири години да инвестираме околу 150 милиони евра во интелигентни мрежи, како и во ИТ-решенија и Интернет-услуги. Оваа инвестиција ќе ни помогне не само да ги реализираме нашите идни планови, туку и со тоа да ја задржиме нашата лидерска позиција на пазарот. Неодамна ја посетив Кореја. Таму, повеќе од 70 отсто од населението има пристап до оптичка мрежа. Но, инвестициите биле направени, главно, од страна на државата. Ние сме приватна компанија и мораме да бидеме профитабилни со цел да ги постигнеме овие инвестиции. |