Млекарите станаа тутунари
Продажбата на кравите за тутунов расад е една од главните причини за млечна криза во државата
БИТОЛА - Млекарите станаа тутунари. Ги продадоа кравите за да купат расад за тутун. Ваква судбина ги снајде стотина битолски фармери, кои по пропаѓањето на млекарницата „Сведмилк“, мораа да ги испразнат шталите и да се зафатат со земјоделство. Како нова шанса за егзистенција го избраа тутунопроизводството, а решавачка беше високата откупна цена од 200 денари за килограм, како и 60 денари субвенции.
Меѓутоа, токму продажбата на кравите стана една од главните причини за млечна криза во државата. И Владата јавно призна дека „Сведмилк“ и долгот од над четири милиони евра кон кооперантите предизвикаа намалување на сточниот фонд, а со тоа и драстичен пад на количините млеко за откуп. Познавачите на околностите сметаат дека оваа ситуација ќе има далекосежни последици врз краварството.
Душко Илиевски е само еден од низата фармери, кооперанти на „Сведмилк“, во чија штала остана само една крава од 86 глави добиток. Илиевски се сметаше за еден од покрупните фармери, но стотина други помали фарми во Битолско на кои млекото им заглави во „Сведмилк“ одамна ги затворија шталите и се преориентираа кон тутун. Фармерите постојано укажуваа на последиците и бараа помош од државата, но таа остана глува на нивната мака. Намалениот откуп силно се одразува и врз работата на млекарниците.
Лилјана Најдовска од битолското село Новаци на која „Сведмилк“ и' должи 20 илјади евра за предаденото млеко, овие денови се подготвува да го предаде тутунот.
„Шведската млекарница ја запечати нашата судбина. Имав дваесет крави и како доаѓаа сметките за плаќање на хипотеката и на долговите за храна, морав да ги продавам една по една. Крава купував по 1.500 евра, а продавав за 600 евра. Со парите од стоката купив расад за тутун. Сега имаме половина тон за откуп. Тутунот добро се плаќа и сега таму ја гледаме егзистенцијата. Откупот го плаќаат за седум дена. Тутунот стана надеж за подобар живот“, изјави Најдовска.
Расим Халиди од битолското село Доленци, еден од сопствениците на поголемите фарми во регионот, тврди дека со затворање на шталите на стотина поситни фармери од Пелагонија, откупот на млеко е драстично намален. Халиди нагласува дека од поранешните кооперанти на „Сведмилк“ опстанале само големите фарми што стекнале капитал.
„По големата афера со ‘Сведмилк‘ млекарниците откупуваат дури за 40 проценти помалку млеко од нашиот регион. ИМБ нема повеќе од 60 тони млеко дневно за производство, а претходните години никогаш не била подолу од 100 тони млеко. Јас успеав да ја пребродам кризатата и да не го уништам стадото, но како мене беа малку. Другите фармери се удавија во долгови и ги затворија фармите“, потенцира Халиди. Тој предупредува дека ситуацијата во Пелагонија со фармите ќе биде уште полоша кога прилепските покрупни фармери поради ниската цена на млекото ќе ги распродадат кравите и целосно ќе се прешалтуваат на тутунопроизводство.
Анализите на Сојузот на земјоделци на Македонија ги потврдуваат состојбите на кои укажуваат земјоделците и сточарите од Пелагонискиот регион. Вељо Тантаров укажува дека во последната година во Пелагонија се сади 30 проценти повеќе тутун отколку порано.
„Годинава се посадија три илјади хектари со тутун што е за една третина повеќе од лани. Тутунот има висока откупна цена, но и примамливи износи на субвенција. Не се веќе старите времиња кога еден килограм тутун се плаќаше колку килограм полжави. Тутунот полека се враќа на нашите ниви. Еве годинава ќе има над 25 милиони килограми тутун од цела држава или за 5 милиони килограми повеќе од лани. Мора да се признае дека ‘Сведмилк‘ направи длабок потрес врз краварството“, дополни Тантаров.
За штетата што ја направи шведската млекарница врз македонското сточарство, конечн��, јавно призна и Министерството за земјоделство. Новата млечна криза и недостигот од млеко, според министерот Љупчо Димовски, е несакана последица од аферата „Сведмилк“. Токму затоа државата ќе интервенира во подобрување на состојбите во овчарството.
„Развојот на сточарството во иднина нема да биде само кај краварството, туку и во зголемување на стадата овци и кози. Решението ќе се бара кај двете страни, фармерите и млекарниците, а ќе интервенира и државата“, рече министерот Димовски. (А.Б.) |