В година стартува виртуелниот оператор ВТИ
Деспина Трајковска
Под брендот „ало“, со повикувачкиот број 073 и серија од 100.000 броја од идната година телекомуникациски услуги ќе почне да нуди ВТИ - Македонија (Ворлд телеконект интернешенел - Македонија), кој ќе биде прв виртуелен мобилен оператор во земјава. Таа е прва компанија која во Агенцијата за електронски комуникации се нотифицира за работење на македонскиот пазар во мобилни комуникациски услуги што ќе дава услуги во мобилната, фиксната телефонија и Интернетот со користење туѓа мрежа. Од „обичните“ три мобилни оператори досега присутни во земјава, ВТИ ќе се разликува единствено по тоа што нема да гради сопствена телекомуникациска мрежа. Ќе може да издава свои СИМ-картички, да поседува сопствен мобилен мрежен код, мобилен центар, да склучува договори за користење интернационален роаминг за своите претплатници, да менаџира со доделени серија броеви, како и да обезбедува услуги што ќе се продаваат под негов сопствен бренд.
„Се очекува за неколку месеци ВТИ да понуди примамлива понуда на потрошувачите со поскромен профит. Компанијата веќе е во преговори со постојните мобилни оператори за да се користи нивната мрежа, а ќе има целосно своја опрема, систем за наплата на сметки и маркетинг. Во бизнис-интересот на новиот мобилен оператор е целиот Балкан, со Македонија како центар на регионалната работа. Со своите партнери-оператори на светско ниво планира да стане еден од главните играчи во таканаречениот сообраќај по етничка основа, што во основа значи остварување комуникација меѓу дијаспората и земјата во која живеат нивните блиски. Балканскиот регион има голем процент на ваков тип сообраќај“ велат од ВТИ - Македонија.
Инаку, станува збор за холандски капитал, чија централа се наоѓа во Ротердам во мајката-компанија „Ворлд телеконект интернешенел БВ“, која е глобален провајдер за комуникациски услуги што се занимава со продажба на конвенционални телефонски услуги и услуги базирани на Интернет-протокол, односно услуги што овозможуваат поевтини интернационални разговори, со и без потреба од посебна телефонска линија. ВТИ е присутна и има канцеларии во Германија, САД, Англија и од неодамна во Скопје.
Познавачите на мобилната телефонија ја објаснуваат појавата на виртуелните оператори со растечкиот притисок да се намали изградбата на мрежа од базни станици. Имено, тоа ги натерало новите играчи на пазарот да направат договори со постојните оператори за да ја користат нивната инфраструктура место да градат нова. На постојните оператори ова им овозможува да ја искористат поефикасно својата мрежа и истовремено да ја зголемат профитабилноста. За новите оператори, пак, тоа значи дека може да влезат на пазарот побрзо инвестирајќи помалку во кули, а повеќе во дополнителна вредност за своите претплатници. Така, крајните победници се претплатниците затоа што имаат поголем избор, почесто подобра услуга и подобри цени.
Мобилни виртуелни мрежни оператори функционираат во повеќе земји, меѓу кои и Германија, Холандија, Франција, Данска, Велика Британија, Финска, Белгија, Португалија, Австралија и САД. Во Словенија, на пример, има три стандардни мобилни оператори и два виртуелни.
Најпребарувани зборови на „Гугл“ во 2010 година
Што имаат заедничко термините Chatroulette, iPad и Justin Beiber? Не, тие не се дел од нов филм инспириран од Интернет; тие се термини „што најбрзо се појавуваат“ отчукани на пребарувачот „Гугл“ во последната година. Во текот на последниот месец од годината, „Гугл“ го објави извештајот „Google Zeitgeist“ што опкружува и собира „милијарди пребарувања кои луѓето ги прават на „Гугл“ во текот на годината“. „Гугл“ смета дека „’ Zeitgeist’“ го дава духот на 2010 година“.
Пребарувачките термини од оваа година се организирани во категории врз основа на вести, технологија, најбрзи пребарувања и најбрзи исчезнувања, меѓу другите групи. На видео-снимка проследена со извештајот за годинава, „Гугл“ забележува дека оваа е година на битки, при што луѓето бараат информации за европската должничка криза, невработеноста во САД, и земјотресите во Чиле и на Хаити. Забележливи пребарувачки термини за опседнатите со технологија се гаџети како „Ајпад“, „Ајфон 4“ и „ХТЦ Ево 4Г“.
„Ајфон 4“, исто така, се појавува во главните најпребарувани термини во информациите, откако прототипната верзија на телефонот беше оставена настрана, па потоа анализирана на блогот за гаџети „Гизмодо“. Други големи пребарувања во информациите се Хаити, Лејди Гага, мобилна технологија или излевањето на нафтата во Заливот. И, секако, има неколку пребарувања по локации во врска со Светското првенство, што ова лето се одржа во Јужна Африка.
|