01.05.2012, 15:40 Шпанија влезе во рецесија
Шпанија и официјално потврди дека е во рецесија вторпат во последните три години. Во првото тримесечје од годинава, стопанската активност во земјата се намалила за 0,3 отсто во однос на претходните три месеци. Иако стапката на пад на шпанската економија е помала од очекуваното, Шпанија официјално влезе во рецесија, бидејќи и во претходниот квартал имаше негативна стапка на раст.
Загриженоста поради слабоста на стопанството и буџетскиот дефицит ги зголеми трошоците на задолжувањето на Шпанија и ги поттикна стравувањата дека на државата можеби и' е потребна странска помош.
Агенцијата „Стандард и Пурс“ пред неколку дена дополнително го намали рејтингот на Шпанија за два степена, поради зголемувањето на буџетскиот дефицит, проблемите во банкарскиот систем и лошите економски прогнози.
Со намалување на рејтингот, погодени се банките „Сантандер“ и нејзината филијала „Банесто“, ББВА, „Банко Сабадел“, „Иберкаха“, Кутксабанк, Банка Сивика, „Банкитер“ и шпанската филијала на британската банка „Барклиз“.
„Стандард енд Пурс“ во
петокот го снижи рејтингот на Шпанија за два степена, на БББ-, и укажа оти намалувањето на кредитната способност на банките уследило бидејќи „би можело да имаат потенцијално негативно влијание на економските и индустриски ризици на банкарскиот сектор на Шпанија“. (МИА) |