01.05.2012, 15:40 Бишев: Купи куќа, купи стан да биде трајна иницијатива
Генералниот директор на Стопанска банка смета дека Македо��ија треба да го прифати трендот дека секаде во свет владините субвенции при купување прв стан се трајни.
„Овој проект, од една страна, има социјална димензија да го поддржи купувањето прв стан, а од друга страна, да ја мотивира економската активност. Проектот почна во период кога по правило сезонски купувањето стан е ниско и, најверојатно, очекувањата беа преголеми. Од тој аспект се покажува дека македонското население е исклучително претпазливо, односно сака да купи стан, но тоа што ќе го прифати како обврска сака и редовно да го сревисира. Оваа мерка даде нова димензија во размислувањата и верувам дека таа ќе стане трајна мерка на економската политика“, вели Бишев.
Инаку, и покрај тоа што се купуваат нови станови и граѓаните бараат станбени кредити, владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ не ги даде очекуваните резултати. Рокот за аплицирање за овој тип станови за кој државата дава субвенции до максимум 6.200 евра се пролонгира до 31 мај, но од банките велат дека нема некој позначаен интерес. Иако се очекуваше првите вакви кредити да бидат одобрени во почетокот на април, очигледно ќе се чека да заврши рокот во мај, па потоа Министрството за финансии да одбере кои од барањата за кои банките дале виза ќе ги субвенционира. |