01.05.2012, 15:39 Србите заради работа се селат и на крајот на светот
Српската дијаспора денес брои меѓу 3 и 4 милиони луѓе
Западна Европа веќе не е единствениот сон на српските гастарбајтери. Повеќе ги привлекуваат Катар, Емиратите, Скандинавија, Русија, па и Јужноафриканската Република. Причината е секогаш иста, колку што е можно полесно да се дојде до работа. А ако се суди според висината на она што го враќаат во татковината, изборот им е добар. Според истражувањата на Светска бакна, во Србија од 2000 до 2011 година од иселениците дошле дури 43 милијарди долари, речиси двојно повеќе отколку од странски инвестиции.
Минатата година работниците во странство, според податоците на Народна банка на Србија, дома испратиле 4, 6 милијарди долари. Тоа е износ во просек од 10 до 13 отсто од домашниот бруто-производ.
„Само во Германија заедницата на српски иселеници брои од 500.000 до 600.000 луѓе, во Австрија 300.000, во Швајцарија 200.000, во Франција 130.000, а голем број иселеници има и во Холандија, Данска, Норвешка, Шведска“, вели Вукман Кривокуќа, помошник-министер за вера и дијаспора. Но, во последните децении српски работници одат и во Русија, а поновата дијаспора стигна и до Емиратите.
Најобразованите иселеници ја напуштија Србија во средината на деведесеттите години на минатиот век. Се проценува дека околу 150.000 школувани млади луѓе ја напуштиле Србија.
„Нашите најобразувани млади другите земји ги прифатија и поради фактот што, на пример, школувањето на еден стручњак во САД чини меѓу 300.000 и 500.000 долари“, додава Кривокуќа. Кога таа сума ќе се помножи со 150.000, ја добивате сумата која тие земји ја заштедиле. Тие луѓе се врзани со новите татковини со работата, но и со новите семејства, кредитите на 20 или на 30 години. „Нашите луѓе го поправаат наталитетот на други земји, поради што во Србија има депопулација“, додава тој. И денес полесно заминуваат образованите млади, но и некои занаетчии, како што се водоинсталатери, електричари, месари, и особено медицински персонал.
Во Русија се најбарани градежниците. Од деведесеттите години досега таму работат многу српски компании. Работа има за инженери, архитекти, но и за ѕидари. Приближно во истиот период српската заедница стигна и до Јужноафриканската Република.
Таму живее многубројна дијаспора, од 20.000 до 25.000 луѓе, најмногу во Јоханесбург и во Кејптаун. Најчесто работат во угостителството, но има и сопственици на рудници и на преработувачки капацитети. (Вести онлајн) |