01.05.2012, 15:38 Градежниците работат турбо, новите станови одат како алва
Статистичките податоци велат дека на еден новоизграден стан се склучуваат 2,7 брака
Сања Наумовска
Во Македонија секоја година се градат над 5.000 нови стана. Огромната продукција на новоградби, сепак, не ги задоволува апетитите на граѓаните, поради што новите станови се продаваат уште додека се во градба. Статистичките податоци велат дека на еден новоизграден стан се склучуваат 2,7 брака. Со оглед на новите трендови младите семејства заедничкиот живот да го започнуваат самостојно, оправдана е заинтересираноста на инвеститорите токму во овој сектор во последните години. Најголемата продукција, која ги диктира и цените на пазарот е во главниот град, но последните години со менување на навиките и жителите на помалите градови преферираат да си купат стан отколку да ја делат семејната куќа со родителите. И покрај намалената куповна моќ на населението, сепак, недвижниот имот засега се смета за една од најсигурните инвестиции.
„Продажбата на станови која расте секоја година ги мотивира претприемачите да ги насочуваат инвестициите во овој сектор“, смета генералниот директор на Стопанска банка, Глигор Бишев. Според него, таа активност не е одржлива на долг рок, а компаниите ќе треба да се насочуваат и кон други дејности што ги бара пазарот.
„Најголемата активност е во градежништвото, односно во станбената изградба и според нашите податоци што ги имаме во 2011 и во 2012 градбата на станови е за 50 отсто повисока и од најдобрата, 2008 година. Таквата активност, најверојатно, не е одржлива на долг рок. Влијанието на проектот за купување прв стан во тоа е незначително, бидејќи станува збор за градежни објекти започнати пред 10-12 месеци, не денеска. Тоа укажува дека македонските претприемачи не се насочуваат во други пропулзивни дејности што се бараат на другите пазари. Недвосмислено ова покажува дека моделот на раст на работењето на компаниите мора да се смени“, вели Бишев.
Пазарот моментно бара станови, велат и во Стопанската комора на Македонија, а потврда за тоа е фактот што во поголемите градови како што се Скопје, Битола и Охрид нема непродаден новоизграден стан. „Колективното домување е тренд последните години, но и добра инвестиција. И покрај интензивната градба, неколку години наназад во Македонија нема хиперпродукција на станови, за што показател е стабилноста на цената на квадаратот. Логично е што во Скопје се градат и се продаваат најголем број станови, но не заостануваат ниту градовите во внатрешноста, бидејќи се менува стилот на живеење, а младите сакаат да бидат самостојни“, објаснуваат во Комората.
„Нема хиперпродукција на станови и на објекти во нашата градежна компанија, бидејќи понудата ја следи побарувачката, што се темели на комплексни анализи на локациите каде што се градат станбено-деловните објекти, на можностите, потребите и желбите на граѓаните“, вели Ванчо Чифлиганец, сопственик и генерален директор на „Адора инженеринг“. Тој објаснува дека на пазарот на високата градба ќе останат само инвеститорите кои не штедат средства и брзо градат висококвалитетни станови. „За дел од становите што ги градат неквалитетно некои компании има хиперпродукција, но за квалитетно изградените станови нема хиперпродукција“, вели Чифлиганец. Во изминатите десет години „Адора инженеринг“ има изградено повеќе од илјада стана и околу двесте деловни објекти во Скопје, Охрид и во Струмица. Во сите објекти, голем дел од становите се продаваат уште во фазата на проектирање, а сите се продаваат во текот на нивната изградба.
„Двете нови згради во Ново Лисиче во Скопје, кои ќе им се предадат во употреба на станарите, одае'мна се целосно продадени, а граѓаните се' уште таму бараат станиви. Тоа н насочи неодамна да купиме уште пет нови локации од државата во Ново Лисиче, каде што деновиве почнуваме со изградба на пет нови станбено-деловни објекти со повеќе од 300 стана, кои уште сега се продадени во солиден процент. Луѓето сакаат да купуваат станови на атрактивни локации, поткрепени со развиена инфраструктура, по цени од 900 евра за квадратен метар“, објаснуваат од компанијата. Освен во Скопје, „Адора“ гради и на Билјанини Извори во Охрид и во Парк во Струмица. |