01.05.2012, 15:39 Ќе се реализира ли проектот „Набуко“?
Проектот „Јужен поток“, кој треба да транспортира гас од Русија до Италија, е еден од повеќето конкурентни проекти на „Набуко“
Проектот „Набуко“ требаше да и' донесе на Средна Европа поголема независност од рускиот гас. Но, еден член на конзорциумот се повлече и со тоа го загрозува целиот проект. Пред една деценија стануваше збор за амбициозен план, земјите да станат независни од рускиот испорачувач на гас „Гаспром“ и да се формира конзорциум за нафтовод од Азерјбеџан до Австрија - нафтоводот „Набуко“. Десет години подоцна, германскиот енергетски концерн РВЕ, кој се вклучи подоцна како шести член, во меѓувреме критички гледа на проектот и размислува да се откаже од него. Унгарскиот енергетски концерн МОЛ најави дека веќе нема да ги намирува трошоците. Финансирањето не беше договорено во овој опсег, се вели кусо во Будимпешта, поради што не е одобрен буџетот за 2012 година. „Наместо првичните осум милијарди евра, од информирани кругови се вели дека проектот во меѓувреме чини до 15 милијарди евра. Причина за тоа се покачените цени на суровините, пред се', на железната руда. Оттука и за членовите на конзорциумот важи девизата – штедење“, вели Јонас Грец од Центарот за безбедносни студии при Техничкиот факултет во Цирих.
„Унгарија е во економска криза и, од друга страна, доби добри понуди од Русија. Унгарија е дел и од рускиот проект ’Јужен поток’. Унгарија е многу зависна од руската испорака на гас. Оттука повеќе се исплаќа соработката со руската страна отколку да се турка проектот ’Набуко’“, вели Јонас Грец.
Проектот „Јужен поток“, кој треба да транспортира гас од Русија преку Унгарија до Италија, е еден од повеќето конкурентни проекти на „Набуко“. Меѓу другите, тука е турскиот „Танап“ и планираниот гасовод на концернот БП. „Мојата процена е дека ’Набуко‘, по испаѓањето на Унгарија, е заслабен“, вели Грец. „Алтернативниот проект на БП има поголеми шанси“, додава тој.
Проектот, меѓутоа, не мора безусловно да замре поради откажувањето на еден партнер. Поповолна алтернатива би било гасоводот да се доведе само до грчката граница и потоа да се користат веќе постојните инсталации во Турција, наместо „Набуко“ да се гради преку цела Турција, па се' до азербејџанската и грузиската граница. „Мислам дека гасоводот ’Набуко’ во секој случај ќе биде скратен“, проценува Грец, „што всушност значи унгарската одлука треба допрва да се види“. Повлекувањето од „Набуко“, пред се', е симболичен гест, смета експертот: „Унгарците со ова едноставно сакаат да покажат, дека во моментов рускиот Јужен поток е во предност“.
Шансите што ги нуди „Набуко“ за државите од Средноисточна Европа, сепак, со ова нема да се искористат и нема да се постигне првичната цел на проектот, независност од Русија. „Мора да се почека што ќе донесе проектот на БП“, смета Грец, но за тоа моментално не се познати никакви детали.
„Одлучувачкото прашање е дали ќе се постигне гасот од централноазискиот простор, независно од Русија, да се транспортира на европскиот пазар? Дали тоа ќе се случи преку ’Набуко’ или преку друг гасовод е сеедно“, смета експертот.
Но, прво треба да бидат најдени партнери кои воопшто на азербејџанска страна ќе стават гас на располагање - и тие се' уште не се најдени. Тука топката е кај потенцијалните испорачатели, кои се' уште немаат потврдено. Исто така, треба да се почека каква позиција ќе заземе ЕУ во однос на проектот кој некогаш беше за пример - и таму има се' помалку заговорници поради ескплодирачките трошоци. (Дојче веле) |