25.01.2012, 15:44 Градот дозволи приватник да ја гради подземната улица
Советот се согласи купувачот на земјиштето да ја изгради улицата на своја сметка, а потоа да му ја предаде во владение на Градот
Деспина Трајковска
Градските власти се согласија заинтересиран инвеститор да им ја изгради подземната улица на Јужен булевар, која потоа ќе им ја даде во владение, а за возврат тој да ги добие градежните парцели над неа. Со оваа одлука, практично се потврдува условот за продажба на парцелата од над 20.000 квадрати на Јужен булевар, која неодамна ја огласи Министерството за транспорт и врски. Најповолниот понудувач ќе биде обврзан пред да го потпише договорот за оттуѓување на парцелата да потпише спогодба со Градот со која ќе ги утврди обврските за изградба на улицата. Всушност, за да може да го гради деловно-хотелскиот комплекс на земјиштето, инвеститорот прво ќе треба да ја изгради улицата.
Ваквиот договор и еден вид компензација, како што велат од СДСМ, е против сите норми. Тие сметаат дека ова е „будалаштина кон која градоначалникот се однесува претпазливо и како и до сега кога станува збор за матни идеи, го подметнува кукавичкото јајце на Советот“.
„Во Законот за Град Скопје е уредено дека само, единствено и исклучиво Град Скопје може да ја гради примарната мрежа. Никој друг не смее да го прави тоа. Затоа, како инструмент на Градот му е ставен на располагање и Законот за експропријација, со кој се обезбедува земјиштето испланирано за градба да може да го откупи Градот. Наспроти тоа не постои закон според кој е дозволена продажба на земјиште наменето за општа употреба и јавен сервис. Со тоа се кршат уставниот поредок и системските закони“, реагираше вчера Софија Куновска, координатор на советничката група на СДСМ и дополни дека донесениот ДУП за предметниот реон не е во согласност со ГУП.
За градоначалникот Коце Трајановски, пак, нема ништо спорно. Правото било во нивна корист. „За случајот сме во постојана координација со Министерството за транспорт, а направивме анализа и правно толкување на нашата намера. Утврдивме дека ние имаме право да ја отстапиме изградбата на улицата на друг субјект, кој потоа истата, во реализирана фаза, ќе ни ја врати во сопственост“, објасни накусо Трајановски, кој смета дека обвинувањата од СДСМ не се издржани.
Тој дополни дека периодов во Градот се разработуваат деталите од спогодбата што ќе треба да се потпише со купувачот на земјиштето, а ќе ги содржи потребните технички информации, обврски и надлежности на инвеститорот. |