Заканите на ДУИ и на ДПА - кривични дела
Ако затворите лидер на политичка партија, тогаш од старт имаме нерегуларни избори: Никола Тупанчевски
Експертите сметаат дека заканите кај нас веќе се преминати во изборен декор
Светлана Унковска
Најавите за касапаана уште пред стартот на предизборието, кои продолжија и деновиве, пред неделното прегласување, потоа заканите за дестабилизација на Македонија и за тоа дека државава нема да постои, изречени од бината во предизборната кампања на ДПА, се дополнија и со последните радикални изјави од ДУИ дека таа ќе ги земе в раце одбраната на животот и безбедноста на Албанците, што се толкува како формирање параструктури. Сето тоа поминува без да се загрижи некој за тоа во земјава или да преземе нешто против нив. Во сите овие закани, без оглед на тоа што се изречени во предизборие, никој од надлежните институции, а особено јавниот обвинител, не најде за потребно да ја преиспита ваквата изнасилена реторика полна со закани насочени директно кон интегритетот и уставниот поредок на нашата земја.
Иако ваквите закани во Кривичниот законик се категоризирани како тешки кривични дела за кои се предвидени високи казни, сепак, експертите сметаат дека кај нас тие веќе се преминати во изборен декор во кои нема конкретна активност и затоа не треба да се постапува по нив, туку само да се следат внимателно.
„Во целото предизборие имаме еден куп лажни ветувања од македонските партии и закани од албанските партии и во секоја втора реченица има елементи за пријава за кривична измама или закана. Во Македонија се остава една комоција на политичките структури да ветуваат и да извлекуваат разни квалификации и закани, но ретко кога јавниот обвинител или Министерството за внатрешни работи поведува случај за вакви вербални прекршоци. Ако затворите лидер на политичка партија по таа основа во текот на предизборната кампања, тогаш од старт имаме нерегуларни избори без оглед колку е тоа правно основано и не би било политички опортуно она што го дозволува правниот систем“, вели професор Никола Тупанчевски.
Ваквото размислување ��о дели и Ненад Марковиќ од Институтот за демократија. Според него, жестока реторика единствено се користи само во функција на политички адвертајзинг и тоа за нивниот електорат и моментно се подразбира како притисок за влез во Владата.
„Не мислам дека која било политичка елита ќе проба ваквите закани да ги реализира и тие се изречени во ’жарот на борбата’ за влез во новиот владин кабинет. Многу работи за санкционирање имаше во предизборието, но не мислам дека ќе се процесуира нешто од сето тоа“, вели Марковиќ. Тој не ја гледа разумноста од собирањето политички поени на ваков начин, бидејќи и кај албанскиот електорат веќе не поминува тоа, затоа што нивното незадоволство не е од македонските политички елити, туку е интраетнички, односно поради нивните меѓусебни конфликти. Марковиќ затоа порачува дека е крајно време тие да ја надминат ваквата реторика и да престанат поентата да ја бараат со заканите за уривање на уставниот поредок на земјава.
ДУИ завчера најави дека ќе поднесе кривична пријава против лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поради тоа што, како што беше речено, „ја предизвикал касапааната“ на 1 јуни и најави дека за прегласувањето в недела ќе ги земе во свои раце безбедноста и сигурноста на албанските гласачи. На ова ДПА само возврати дека „политичката касапаана“ ќе продолжи и на 15 јуни. |