5 ПРАШАЊА
Оружјето е закана и кога не се употребува
Џабир Дерала од НВО „Цивил“
Жаклина Хаџи-Зафирова
Господине Дерала, Македонија падна на испитот избори. Се остварија прогнозите за касапаана, што резултираше и со една жртва. Очекувано ли беше ваквото црно сценарио?
За жал, по не знам кој пат, уште еднаш бевме во право кога кажавме дека изборниот процес е под сериозна закана од оруженото насилство. Да, очекувавме дека изборниот процес ќе биде турбулентен, како што впрочем и најави еден од најважните играчи на теренот. Македонија уште еднаш покажа дека не изградила доволно демократија за своите граѓани. Во таа смисла, не можете вината да ја натоварите на плеќите само на еден фактор. Станува збор за системски „ерор“. Системот не успеа да се соочи со предизвикот на транзицијата, со потребите на граѓаните за безбедност и сигурност, а особено за минимално почитување на човековите права. Напротив, се воспоставува систем соодветен на лондоновскиот израз – „законот на стапот и забите“.
Најавувате дека се можни евентуални насилства на гласачките места и за време на прегласувањето в недела. На што ги темелите овие црни прогнози?
Само ги искажувам ставовите на мојата организација, а тие се засновани од присуството на теренот. Во услови на ерозија на минимални правила за фер игра, а особено кога постои изразена интеретничка и интраетничка тензија, не можете да се потпрете само на добрата волја на неколкумина и на странските мисии. Оттаму, сметам дека станавме канцерогено општество без многу иднина. Оружјето е присутно и претставува закана и во време кога не се употребува. В недела, тоа и да не проговори како претходно, се знае дека се' уште е активно. Да не зборуваме за опасноста да се употреби тоа. Всушност, и немаме ситуација на политички опоненти - имаме само банди кои ги бранат интересите на ограничен круг луѓе. Во такви услови, професионалните структури (како полицијата) трпат од недостиг на системски и практични решенија кои ќе овозможат минимум пристојно функционирање, а токму тие јавно се повикуваат на одговорност. Одговорноста, пак, се наоѓа на други, многу поочигледни локации.
Сметате ли дека со присуството на оружјето на изборите се докажа дека досегашните акции за собирање на оружјето се покажаа како неуспешни или, пак, станува збор за порозност на границите од каде што постојано се увезува?
Сознанијата се од теренот. Како член на невладина организација, не сум овластен да го бројам оружјето по домовите на моите сограѓани. Како и да е, бројките се вртоглави. Не вредат утешните споредби на некои од моите колеги кои наведуваат бројки од развиените земји. Една Данска можеби има повеќе пиштоли по жител, но има и системски решенија за проблемот со оруженото насилство. Еве, кога сте слушнале за насилство во изборниот процес во една западноевропска земја? А, кога ќе кажете дека една акција е неуспешна, дали тоа го засновате на бројки? Ако се собраа 7.500 парчиња нелегално оружје во 2003 година, наспроти процените дека има меѓу 110 и 170 илјади поседувачи на нелегално оружје, можете да кажете дека акцијата е неуспешна. Но, ако се знае дека тие 7.500 парчиња оружје можеле да убијат најмалку по еден човек, имате малку поинаква ситуација.
Колку е созреана свеста за оружје кај нас? Зошто граѓаните го чуваат дома?
Токму тоа е успехот на невладиниот сектор. Солидно ја вршиме работата со нашите кампањи за јакнење на јавната свест за ризиците од поседување на оружјето. Друга приказна е тоа што ризиците понекогаш се преземаат и свесно за да се маскираат сопствените неуспеси и да се амортизираат наталожените фрустрации. Насилството е обид за решение на проблемот кога нема други решенија. Полицијата може да апси и запленува оружје, но заедници кои не се стабилни и задоволни секогаш ќе најдат начин да се вооружат повторно.
Можат ли мирни и демократски избори да станат реалност во Македонија?
Само со добра волја и сериозен пристап на сите нивоа. Кога општеството ќе ги мобилизира сите свои сегменти, а играчите ќе престанат со меѓусебни обвинувања, ќе се наѕре шансата за функционирање на демократијата. Во меѓувреме, ќе се лее крв и ќе пирува оружјето. |