Владата сака да реализира ветувања со дивиденда од „Телеком“
„Македонски телеком“ и' дава на Владата половина добивка, 27-28 милиони евра, а Владата бара околу 60
Александрија Стевковска
Владата не се задоволува со преполовена дивиденда од „Македонски телеком“, која оваа фирма сакаше да и' ја исплати во износ од 27-28 милиони евра и ја побара целата сума во делот на добивката која и' припаѓа, а изнесува околу 60 милиони евра. Станува збор за добивка од работењето на „Македонски телеком“ во 2007 година и акумулираната добивка од 2006 година. Во знак на несогласување, владините претставници Жарко Луковски и Зоран Трајчевски вчера револтирани го напуштија Акционерското собрание на компанијата, иако претходно на Бордот на директори начелно ја прифатиле одлуката за половична исплата на добивката.
„Во знак на незадоволство од понудената висина за исплата на дивидендата, како претставници на Владата го напуштивме Акционерското собрание, со оглед на тоа дека не се реализирани инвестициите од страна на ’Македонски телеком‘, не постои план за поделба на дивидендата и одбиен е предлогот на Владата во ваква ситуација да биде распределена целокупната добивка како дивиденда. Овој предлог го искажавме и на Бордот на директори, но и тогаш предлогот на Владата не беше прифатен од страна на мнозинскиот акционер“, изјави Зоран Трајчевски по напуштање на Акционерското собрание.
Владата си ја побара целата дивиденда заради исполнување на своите планови. „Предлогот на Владата беше исплата на целокупната добивка поради планираните инвестиции годинава, поради реформите што ги планира Владата и поради тоа што ’Македонски телеком‘ немаше направено план за инвестиции за годинава и немаше план за прераспределба на дивидендата“, изјави Луковски.
Според него, Владата побарала севкупната добивка да биде поделена како дивиденда поради можноста да ги испочитува своите ветувања и да ги направи планираните реформи во делот на инфраструктурата и градење ИТ-општество.
Прекинатото Акционерско собрание ќе продолжи со својата работа на 18 јуни, со истиот дневен ред, поделба н�� дивидендата. Дотогаш има простор за премислување на една од двете страни, или „Македонски телеком“ да се согласи да ја исплати севкупната добивка или Владата да прифати поделба на половина дивиденда, што најверојатно нема да се случи.
На Акционерското собрание на „Македонски телеком“ ќе се одлучува за поделба на дивиденда од 80 милиони евра, што е нешто повеќе од половина од ланската добивка во висина од 148 милиони евра. Дивиденда треба да им биде исплатена на сите оние што заклучно со 19 јуни ќе бидат запишани во акционерската книга на компанијата. Вредноста на една акција е во висина од 56,71 денар. Исплатата на дивидендата, доколку се' биде в ред, би требало да почне на 30 јуни.
Според првичниот план, Владата и „Маѓар телеком“ како најголеми акционери требаа да земат најголем дел од колачот, а мал дел или околу 2,3 проценти требаше да бидат поделени меѓу приватни лица, додека 1,9 отсто требаше да и' припаднат на Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ. Согласно со процентот што го поседува во „Македонски телеком“, Владата требаше да добие околу 27-28 милиони евра.
Државата досега доби пет дивиденди од телекомот. Во 2001, 2002 и 2003 година добиваше по 18,5 милиони евра, а во 2004 речиси 2,5 пати повеќе (44,8 милиони евра). Дивидендата за 2005 од 48 милиони евра беше исплатена со едногодишно задоцнување поради истрагата за финансиски малверзации на поранешното раководство. |