ИНТЕРВЈУ
Пред се', потребни се мирни избори
Андру Ки, британски амбасадор во Македонија
Тамара Грнчароска
Господине амбасадоре, Македонија до 1 јуни се наоѓаше на чекор од НАТО и на добар пат да добие датум за преговори од ЕУ до крајот на годинава. Дали по изборите се сменети позициите на Македонија?
Изборната кампања и изборите на 1 јуни не ги исполнија стандардите што ги очекувавме од земја-кандидатка за членство во ЕУ и во НАТО. Тоа ќе мора да се рефлектира во извештајот за прогресот на земјата. Сепак, има уште неколку месеци пред Европскиот совет да го разгледа напредокот на земјите-кандидатки, базиран на оцената од страна на Европската комисија за развојот во тек на периодот од 12 месеци. Се надевам дека ќе има многу повеќе позитивни случувања во Македонија дотогаш, почнувајќи со прегласувањето на 15 јуни.
Изборните нерегуларности не се нешто ново во Македонија, но прв пат странските монитори ги оценија изборите како лоши...
За мене ова се први избори што ги видов во Македонија и ми е тешко лично да направам споредба. Но, моето мислење базирано на разговорите со моите колеги е дека изборите на 1 јуни претставуваат чекор назад во однос на претходните избори од многу аспекти. Ова, секако, е разочарувачко зашто очекуваме од земја-кандидатка да покаже постојан напредок на изборните стандарди низ годините.
Директно виновни за инцидентите беа посочени активисти на албанските партии. Колку албанскиот политички блок ја носи врз себе одговорноста за позицијата во која се наоѓа и за она што се случува денес во Македонија?
Ова прашање мислам дека треба да им го поставите директно на политичарите. Мое мислење е дека е важно тие што се директно одговорни за насилство, заплашување и изборен фалсификат да одговараат во согласност со законот. Гледајќи напред, исто така, е важно сите фактори - вклучувајќи ги и лидерите на партиите, како и одговорните за соодветно функционирање на државните институции - да ја исполнат заедничката одговорност, обезбедувајќи мирно и фер прегласување. Тие треба да о��езбедат дека овие нерегуларности не можат и нема да се повторат.
Меѓународната заедница и' даде рок на земјава од две недели да го исправи она што беше направено на денот на изборите. Може ли земјата на таков начин да си го поврати угледот?
Во Обединетото Кралство нашата процена за состојбата во земјата постојано се надградува, рефелектирајќи ги секојдневните промени. Верувам дека мирни и фер повторени избори во наведените гласачки места ќе помогнат да се намали штетата врз репутацијата на Македонија во однос на изборната кампања и на денот на гласањето на 1 јуни. Навистина е од витално значење гласањето да е слободно и фер и да овозможи повторно создавање доверба кај гласачите во демократскиот процес и државните институции. Исто така е важно за Македонија да се покаже дека оние што се одговорни за изборните инциденти да дадат отчет пред законот и да покаже дека се презема систематска активност изборните нерегуларности да не се случат повторно. Една од забелешките на ОДИХР беше дека малку е сторено да се одговори на проблемите идентификувани по изборите во 2006 година. Навистина е важно набљудувачкиот тим да нема причина да ја даде истата забелешка на следните избори.
Колку ваквиот развој на настаните во земјава им одат во прилог на скептиците во ЕУ и во НАТО за прием на Македонија?
Јас сум силен поддржувач на аспирациите на Македонија за влез во ЕУ и во НАТО, и многу посакувам да успее земјата во тоа. Верувам дека тоа е она што граѓаните на Македонија го сакаат и го заслужуваат. Демократските принципи се фундаментални стандарди што ги очекуваме од идните членки на ЕУ и на НАТО. Последните изборни случувања се штетни за имиџот на Македонија во очите на сите земји-членки на ЕУ и на НАТО. Навистина се надевам дека Македонија сега ќе може на сите нас да ни покаже дека ќе работи за да обезбеди избори во земјата кои можат и ќе ги исполнат меѓународните стандарди.
Од изборите до денес во оптек се многу датуми, т.е. години кога Македонија би можела да стане членка на ЕУ. Најоптимистичката е 2015 година. Колку, според Вас, се тие реални?
Не мислам дека ќе ги чуете луѓето во Лондон или во Брисел одговорни за Европската политика за проширување да поставуваат датум за пристапувањето на Македонија или на некоја друга земја од Западен Балкан. Тоа е затоа што сакаме да видиме дека стандардите се исполнуваат, а не временските рамки. Со силна волја и одлучна акција да се обезбедат потребните критериуми, сигурен сум дека Македонија ќе оствари брз напредок. Колку побргу се спроведат реформите, толку порано може да се оствари членството. Но, најпрвин, мирно и демократско прегласување на 15 јуни. |