Мислења
Јазикот на дипломатијата
Огнен Малески
Широкиот консензус е многу важен за решавањето на проблемот со Грција. Без него не можеме да влеземе во завршната фаза на преговорите
Во обидите да на сатиричен начин да се долови специфичниот јазик на традиционалната дипломатија и на дипломатот, ќе сретнете разни популарни „дефиниции“, сите главно од постар датум. Според едната, „дипломатија е да мислиш двапати пред да не кажеш ништо“, според друга „добар дипломат може да си го држи јазикот за забите на десет јазици“, а онаа која мене најмногу ми се допаѓа гласи: „кога дипломатот вели да тој мисли можеби; кога вели можеби, тогаш мисли не; кога вели не, тој не е дипломат“.
Оттаму, главно преку примери од богатата пракса, во дипломатската обука на младите дипломати, посебно внимание му се посветува на учењето на специфичниот јазик на дипломатијата кој е полн со синоними, еуфемизми и лингвистичка гимнастика чија цел е и најотровните работи да бидат соопштени завиткани во „сјаен целофан и убава панделка“. Славниот Ото фон Бизмарк ќе советува: „Бидете љубезни ; пишувајте дипломатски ; дури и при објавата на војна почитувајте ги правилата на љубезност“.
Се разбира, напоредно со учењето на вештината на дипломатско изразување (пишано и усмено), врз истите примери се учи и занаетот на „дешифрирање“ на дипломатските пораки или „читањето меѓу редови“. Дипломатската историја е полна со примери за ненаучени лекции и погрешно разбрани дипломатски пораки кои, во одделни случаи имале и катастрофални последици за државите. Посебна приказна се оние „дипломати“ кои многу добро ги дешифрирале пораките но немаат храброст пред своето политичко раководство да им ја пренесат вистинската порака, туку дипломатскиот јазик го користат и во комуникацијата со своите претпоставени. Заради такви и слични „дипломати“, зајадливата опсервација на актерот Питер Устинов и има смила: „Денес дипломатот не е ништо друго туку главен келнер во салата на кој од време на време му е дозволено да седне“.
Воочувајќи ги манифестираните слабости од ваквиот начин на изразување (заради квалитетот на дипломатијата или пак тврдите уши на политичарите во одделни земји), во современата пракса водечките дипломатии воведоа и друг начин на изразување - концизен, јасен и недвосмислен. На голема жал на традиционалистите, ваквиот начин на дипломатско изразување ја убива убавината на занаетот, но факт е дека остава малку простор за политичка манипулација од типот „изгледа не сме се разбрале“. На ваквиот начин на изразување се навикнавме и ние на Балканот давајќи за тоа доволно поводи и аргументи.
Како соодветна илустрација на изнесеното можат да послужат и реакциите на дипломатите во Вашингтон и Брисел по неодамна одржаните предвремени парламентарни избори надвор од нашата земја. Заедничка појдовна точка на сите се генералните оценки на ОБСЕ/ОДИХР мисијата за „конкурентни, транспарентни и добро администрирани избори“, укажување на потребата од промена на воочените слабости и пропусти, но и порака до новата влада да продолжи на патот на реформите, со нагласка на важноста од преземање чекори кои ќе придонесат за добрососедските односи. Овие три елементи, на соодветен дипломатски јазик се составени и во заедничката изјава на Кетрин Ештон и Штефан Филе од 7јуни. Во брифингот за акредитираните новинари на 6 јуни помошникот на државниот секретар за Европа и Евроазија, Томас Кантримен, следејќи ги истите точки ќе биде многу подиректен, попрецизен и појасен. Ако ја тргнеме настрана позитивната оценка за изборите која се темели на прелиминарниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, како прв приоритет на новата влада се нагласува „затворањето на разговорите со Грција околу името на државата“. Сметаат дека решението е на дофат и дека може да се реализира. Очекуваат неговото решавање да го овозможи Македонија да продолжи по патот кон ЕУ и НАТО. Се потсетува и на важноста од реформите кои се во функција на пристапувањето кон Унијата, а кои се однесуваат на воочените приоритет во областа на владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите. Последна, но не и помалку важна, е имплементацијата на Охридскиот договор.
Она што е карактеристично за сите овие приоритети - решавањето на проблемот што одамна ни е наметнат од јужниот сосед, болните реформи, имплементација и почитување на Охридскиот договор - се работи кои ниту една влада, ниту една политичка коалиција не може сама да ги реализира, без обезбедување поддршка од опозицијата со цел да се оствари што поширок консензус. Добар пример за таквиот начин работа во процесот на забрзаните евроатлантски интегративни процеси се земјите од Централна Европа и Балтичките земји. Точно е дека тие имаа голема поддршка од надвор, но факт е дека главниот товар самите го носеа градејќи што е можно поширок внатрешен консензус.
Во нашиот случај, широкиот консензус е особено битен кога станува збор за решавањето на проблемот со Грција. Во отсуство на таков консенсуз, кој подразбира вклучување на сите релевантни политички партии, прашање е и дали воопшто можеме да влеземе во завршната фаза на преговорите. Од друга страна пак, решавајќи го ова „надворешно“ праш��ње не смееме да дозволиме отворање на „внатрешно“ прашање и дестабилизација на земјата. Се разбира, најлогично место е Собранието на Македонија, кое впрочем донесе и Резолуција (ноември 2008 година) за изнаоѓање на стратегија за наметнатиот спор од страна на Грција за нашето уставно име, а добра основа е добра основа е предлогот-текстот што го изготви пратеникот на ЛП во минатиот мандат, господинот Стојан Андов.
П.С. Кога зборуваме за јазикот на дипломатијата и нашиве „маки“ некако соодветна ми се виде опсервацијата на американскиот новинар и сатиричар Каски Стинет: „Дипломат е личност која ќе те прати во пеколот на таков начин што всушност со задоволство ќе посакаш да тргнеш на на тој пат“. Се плашам дека ако тргнеме на тој пат без карта и компас лесно можеме да завршиме таму каде што никогаш не сме ни сонувале ниту посакувале.
(Авторот е поранешен дипломат) |