Женски муабети
Упорност комбинирана со жесток сексапил
Марина Перазиќ
Зад себе има спомени врзани за најголемата популарност од времето на дуото „Денис и Денис“ и учеството во неколкуте реални шоуа во Србија и во Хрватска
Валентина Тодоровска
За Марина Перазиќ зборовите имаат големо значење - се врзува за нив, зашто ја толкуваат, зашто објаснуваат и се моќни во креирањето на реалноста.
Таа е особена по неколку работи, ама и по искреноста, професионалноста и следењето на некој внатрешен глас што и' дозволува да го запали зеленото светло.... Од времето на нејзината мегапопулатност, од 80-тите години на минатиот век, помина многу време, исто толку з��орови, премрежиња, сонувања и исполнувања.. Оние со подолга меморија знаат дека оваа русокоса пејачка своевремено жареше и палеше низ земјата, која денес ја нема. Во Југославија „Денис и Денис“ ја слушаа (а, богами и ја гледаа) урбаните девојки и момчиња, кои, денес, дваесет години подоцна, сигурно ги знаат хитовите „Програм твог компјутера“,„Ја сам лажлива“, „Соба 23“ ...
Марина има живот вреден за пишување книга - во времето на најголемата популарност се вљубува во Иван Феце-Фирчи, тапанар на ЕКВ и романтично остава се', заминувајќи со својот сакан преку барата. Години на барање, осознавање, живеење... Кога се пука како меур од сапуница, се враќа назад, го издава албумот „Иста како море“ и одвреме-навреме го полни домашниот буџет со учество во реалното шоу „Фарма“ во српска и во хрватската верзија. Всушност, нејзината најнова преокупација е танцот зумба, кој ем што и' помогна да ја врати старата става ем и' отвори врата за уште една професионална преокупација - тренер по танцот зумба.
Колку бргу преминуваш на „ти“? Дали практикуваш персирање и колку тоа те обврзува на напудрени монолози?
„Обично, со сите луѓе што изгледаат сериозно, а особено со оние што се постари од мене, им се обраќам со ’Вие’. Малку сум поолабавена во очекувањата да бидам персирана. Многу често на добро воспитаните млади луѓе им нагласувам дека по дух сум помлада и дека повеќе би ми годело да ми се обраќаат со ’ти’. Главно, се дружам со помладите... Напудрените монолози доаѓаат предвид само во ТВ-емисиите затоа што на тоа место и се очекува тоа од мене.
Изгледаш одлично, очигледно, ослабена ја живееш својата ренесанса со зумба, која ти ја врати некогашната линија.
„Да, видно ослабев, продолжив со зумба околу осум часа неделно. Времето е убаво, па повеќе излегувам и сите работи ги завршувам одејќи пеш. Многу водам сметка за исхраната, се обидувам да јадам во согласност со мојата крвна група, речиси и да го заборавив вкусот на лебот, тестенините, компирите и колачињата. . Не сум баш некој карактер кога е храната во прашање. Научив дека не постои волшебна таблета од која може лесно и едноставно да се ослаби. Поголемиот дел од тие препарати за слабеење му пречат на нашето здравје, посебно на системот за варење, црниот дроб и на бубрезите, а понекогаш и на срцето...“.
За тебе навистина многу се знае, се пишува, се претпоставува. Што најмногу ти пречи и што велиш дека ова, сепак, е данокот на 21 век? Во времето на твојата голема популарност не можеше да се пласира се' и сешто во медиумите?
„Денес се знае повеќе отколку што навистина е. Обожавам медиуми, но не и кога сум во нив. Не сум желна за слава и популарност, но изгледа дека неанонимен живот ми е кармичка лекција во овој живот. Колку и да бегам, повторно морам да се вратам во центарот на интересирањето за да опстојам. Искрено, копнеам за некоја работа со солидна заработувачка што би ме исполнувала, а со која не би била медиумски експонирана“.
Кога ќе се сетиш на периодот на 1980-тите години, што ти измамува насмевка? Беше многу популарна, славна, со безброј можности на дланка. Дали денес, од оваа временска дистанција, нешто би направила поинаку?
„Се' што се случуваше во 1980-тите години кога бев на врвот на популарноста, беше едноставно совршено. Како да бев во некој неверојатно убав сон. Ништо не би менувала, а посебно не моето одење за Њујорк што се случи во вистинско време кога батериите ми беа наполно празни, односно кога бев презаситена од интензивна кариера, недостиг од приватност и слободно време, а тогаш во исто време и започна инфлацијата.
Кога отиде за Америка, ја снема Југославија. Што би кажала за тој период?
„Да, многу брзо по моето одење за Њујорк, започна одвојување на бивша Југославија. Среќна сум што тој мачен период го поминав во Америка. Отидов во 1988 година кога ништо сериозно не се чувствуваше во воздухот, а се вратив во 1997 кога во поголемиот дел беше се' завршено. Тешко ми е да зборувам за тие времиња“.
Дали контактираш со старата екипа - со Давор Тоља, дали си размислувала да се рестартира „Денис и Денис“?
„За жал, со Давор Тоља, по негова желба и одлука, не соработувам и не контактирам од 1986 година, па можноста за каков било рестарт е сосема исклучена“.
А твојата соло-кариера? Зарем на композиторите не им е предизвик да работат со тебе, повторно да работиш и да снимаш?
„Ми се чини дека предизвикот е преголем бидејќи имам многу хитови во својата кариера, а тие тешко се надминуваат„.
Заврши Градежен факултет и не успеа да се вработиш во својата професија? Намерно или...?
„Да, завршив градежништво две години пред да започнам со музичката кариера. Работев само неколку месеци како приправник, а бидејќи во тој период започна вртоглаво искачување на мојата музичка кариера, не се ни обидувам да најдам работа како инженер во градежништво“.
Како се снаоѓаш, настапуваш ли и дали скоро си била во Македонија?
„Моите настапи се многу ретки бидејќи последниот албум го издадов пред 12 години. Порано многу често настапував во Македонија, но мислам дека ми е неопходен нов албум за малку повеќе концерти низ клубови, кои не се особено добро платени, а ниту одблиску толку исполнителни и креативни како што е концерт со бенд. Често ја кажувам реченицата од марксизмот што ја научив одамна и тоа за да ја објаснам денешната состојба и криза на културниот живот - каде што нема база, нема надградба. Базата, односно економијата ни е во ужасна криза, па никој нема доволно средства за излегување и за забава, т.е. надградба. Тоа стана чист луксуз за поголемиот дел од популацијата, особено за постарата генерација, која тие ограничени средства за забава им ги дава на своите деца“.
Твоите две ќерки, Луна и Миа, се преубави. Како функционира вашето женско царство? Ја сакаат ли тие твојата професија, со што се преокупирани и што најчесто ги советуваш?
„Благодарам. Навистина се посебни моите две руси анѓелчиња. Уште се поубави однатре како личности, а и двете се уметнички надарени. Сакаат да ги слушаат моите песни, им се допаѓа мојот начин на пеење, што навистина ми е голем комплимент бидејќи многу слушаат музика. Во нашето женско царство постојано во погон се тројцата компањони. Немам поим што би правела без ’адсл’ и ’флет рејт’. Без тоа, едноставно, не може да се живее. Инаку, девојките одлично пеат, танцуваат фантастично, глумат од најрано детство. Ја прашав Луна што најчесто ги советувам бидејќи на некои детали од своето однесување дури и не сум свесна. Ми кажа дека често велам да не се возбудуваат, односно да не ја губат енергијата на работи што не се многу важни и што лично не ги допираат. И што е уште поважно, ги советувам да ги следат своите сништа. Миа ми вели дека обично и' кажувам дека без работа нема да постигне успех“.
Љубов, онаа што жената ја чувствува кон мажот? Што е со неа, се менува ли тоа чувство со години, колку е важна за сигурноста, кого би можела да сакаш?
„Љубовта е смисла на животот и треба постојано да се бара и од неа да не се откажува. Доколку по некое чудо ја најдовте, треба постојано да ја негувате како најчуствително растение. Убава дефиниција на љубов и како таа да се разликува од младешко заљубување ја даде Скот Пек во книгата ’Пат по кој поретко се оди’. Со години тоа некако само по себе се кажува, се разбира, дури откако ќе почувствуваш вистинска љубов, полна со обострано почитување и прифаќање без желба некого да менуваме, зашто тоа е невозможно! За жал, многу луѓе не знаат да сакаат, ама за тоа не се виновни само тие, исто како и нивните родители зашто да знаеле, сигурно би ги научиле! Хендикепот на незнаење или неможноста да се сака се пренесува како некоја генетска болест од една на друга генерација. Потребно е многу работа и стручна помош за да се надмине тоа... Среќна сум што ја изучив техниката ’соулворк’, која успешно се занимава со надминување на тој проблем. Желба ми е да стекнам уште знаење и практика, а со тоа и самодоверба за да ја применувам и на тој начин да им помагам на луѓето. Среќна сум зашто знам да сакам безрезервно, не очекувајќи ништо за возврат. Таква љубов секогаш се враќа со љубов, поубава е и пополна од онаа на која се надевавме. Вистинската љубов ја надминува фантазијата и нашите скромни очекувања!“
Кога ќе се спомне иднина, што прво ти доаѓа на ум и што правиш за навистина да си среќна?
„Првин помислувам на школувањето на Миа и на Луна. Оф, се' уште е долг патот пред нас. ...И, дали кога било ќе успеам да се занимавам со работа што најмногу би ме исполнувала - да им помагам на луѓето да ги надминат траумите од детството, комплицираниот однос со родителите и блокади што им оневозможуваат да живеат среќен и исполнет живот“. |