Македонија
Почнува запишувањето во средните училишта
17.06.2011, 11:24
Во јавните средни училишта во Македонија почнува првиот, јунски уписен рок. Полуматурантите денеска и утре ќе се запишуваат во прва година средно образование во учебната 2011/2012 година. Согласно со објавениот Конкурс, има 35.394 слободни места во 1.041 паралелка.
Од нив, 11.730 места во гимназиите, 22.814 во стручните училишта, 578 во уметничкото образование и 272 во спортската гимназија „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје. Конкурсот нуди над 10.000 места повеќе од вкупниот број завршени осмоодделенци (25.152 според податоците на МОН), со што тие имаат поголема можност за избор и професионална ориентација.
На пријавувањето за упис учениците треба да поднесат пријава за запишување, која се подигнува од училиштето, оригинални свидетелства од петто до осмо одделение и извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето).
Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 21 јуни.
Според конкурсните услови, критериуми за избор на учениците се: среден успех од петто до осмо одделение, од кој ученикот може да добие најмногу 50 поени, среден успех постигнат по четири предмети (мајчин јазик, странски јазик и два предмета значајни за струката) за што ученикот може да добие најмногу 20 поени (5 поени за секој предмет), дипломи од освоени (прво, второ и трето) места од меѓународни и републички натпревари, за што ученикот може да добие најмногу 5 поени. (На ученикот му се вреднува само една диплома која носи најмногу поени) и средната вредност од поени добиени за поведение од петто и осмо одделение, за што максимални се 5 поени.
По сите критериуми ученикот може да добие најмногу 80 поени. Деталите за поените и начинот како се пресметуваат се појаснети во Конкурсот што е објавен на веб-страницата на МОН.
Во училиштата каде што ќе се пријават повеќе ученици од планираното со еднаков број поени ќе се организира квалификациско тестирање од предметите значајни за струката. Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно) и во спортската гимназија, училиштата утврдуваат дополнителни критериуми.
Второто пријавување во јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе биде на 29-ти и 30 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 1 јули. Во вториот уписен рок пријавувањето и запишувањето на учениците е на 18 август 2011.
|