Се вадат сите резерви пари за да се плати струјата
Од стартот на кампањата за плаќање на рати се потпишани 5.500 договори
Маја Томиќ
Се вадат пари од под перница, се зајмува, се подигаат кредити, како дел од граѓаните кои заостанале во плаќањето сметки за струја, би ги намириле своите долгови и би ја задржале светлината, па и топлината во своите домови. Дека е тоа така говори фактот дека речиси на средина од терминот на заедничката кампања за плаќање на тужените долгови на рати, на „ЕВН Македонија“ и на ЕЛЕМ, интересот кај граѓаните расте. Пред шалтерите на ЕВН има долги редици од луѓе кои чекаат за да расчистат со долговите што им се наталожиле во изминатите години и што се во судска постапка.
Од стартот на кампањата, 1 октомври, до вчера се потпишани 5.500 спогодби, а само во минатиот месец биле склучено околу 3.000 договори. Како што информираат од ЕВН, интересот за расчистување со долговите е поголем кај домаќинствата, а најмногу спогодби досега потпишале скопјани, 70 отсто од сите договори за плаќање на долговите на рати се склучени во главниот град. Некои од нив немал дисциплина навреме да си ги намирува обврските за плаќање на струјата, други, пак, немале пари.
„Добро е што ни се даде оваа шанса да го намириме долгот за струја што ни се натрупа со години, не затоа што не сакавме да платиме, туку затоа што немавме доволно пари. Така, со месеци почнаа да растат долговите и на крајот ни стигна и судска тужба. Пресметаната камата беше речиси иста со висината на долгот. Сега, со оваа акција на ЕВН и на ЕЛЕМ можеме да го платиме долгот без камата и на најмногу 12 рати, што е исклучиво поволно и шансата треба да ја искористат сите должници“, вели М.Р. од Скопје, кој долгува за струја над 500 евра и сумата ќе ја плаќа на осум еднакви рати.
Во зависност од висината на сумата, компаниите прв пат на домаќинствата им дадоа можност да плаќаат на 12 рати, ако долгот е над 51.000 денари, додека бизнис-корисниците тужениот долг може да го исплаќаат на најмногу шест рати, ако е тој над 50.000 денари. Двете компании им овозможија на корисниците да го платат тужениот долг за електрична енергија без камата, што е многу важно затоа што во повеќето случаи каматата е за неколку пати повисока од основниот долг. Со тоа им се нуди олеснителна можност на потрошувачите за наплата на само основниот долг за струја. Инаку, можноста за склучување на овие спогодби трае до 31 декември годинава.
Останува да се види дали оваа кампања за должниците на крајот ќе даде подобри резултати од претходната што ја спроведе ЕВН за наплата на долговите на рати во почетокот на август, а траеше до 1 ноември. Иако на самиот старт имаше засилен интерес кај граѓаните, поради што ЕВН и го пролонгира крајниот рок за еден месец, наместо до октомври, до 1 ноември, на неколку дена пред истекот на тој рок беа склучени само 6.000 договори, што е малку во споредба со бројката на реалните должници. Затоа ЕВН од неодамна започна со акција на масовни исклучувања. Дневно се исклучуваат и по 2.000 корисници низ целата земја, пред се', оние што доцнат со сметките по неколку месеци. (M. T.) |