Мислења
Македонскиот ќор-сокак
Слободан Најдовски
Наместо да чекаме Вашингтон и Брисел да го пресечат македонскиот јазол, како што предлагаат некои, ние треба да го одврземе
Секоја година во ова време главна тема во политичките расправи е извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на приклучување во ЕУ. Од 2005 година, па до лани, неговото објавување кај нас со нетрпение се очекуваше и се лицитираше - дали ќе добиеме датум за почеток на преговори или не. Оваа година одредувањето на датумот никој и не го спомнуваше ниту, пак, некој и го очекуваше, па затоа дилемата што се наметна во јавноста беше само како ќе не' оценат Европејците. Годинешнава расправа се сведе на тоа дали извештајот е позитивен или негативен, дали во него преовладуваат фалбите за напредокот или, пак, критиките за неспроведените реформи во одредено поглавје. За наша среќа или несреќа, оцени со бројки не постојат, па можеме до бескрај да дебатираме и да си даваме оцени. Опозицијата се фати на јадицата и лицитираше во која област имаме поголеми забелешки. Па, така, главно, се насочи кон критика на состојбите во судството. Што им треба тоа, зарем не знаевме досега и требаше ли од Брисел да стигне абер дека состојбата е катастрофална. Секој граѓанин на улица ќе ни каже дека судството ни е лошо и е под контрола на власта и нема потреба некој да ни го соопшти тоа.
Владата, согледувајќи дека опозицијата заигра на погрешна карта, на нејзината критика одговори со секојдневни фалби за, наводно, позитивниот извештај. Така, секој ден по еден министер се воодушевуваше од сопствените постигнати резултати и меѓусебно се натпреваруваа во докажувањето кого Брисел повеќе го пофалил. Вицепремиерот за евроинтеграции, парафразирајќи ги зборовите на Полат, главниот јунак од актуелната серија „Долина на волците“, не' убедува дека иако не добивме датум за преговори, исполнувањето на критериумите е важно за подобар живот на македонските граѓани. Од неговата изјава може да се заклучи дека ние ќе ги исполниме критериумите од сите поглавја, без разлика што нема да почнеме преговори. Уште малку Владата само што не ни соопштила дека со датумот за преговори ние ќе бидеме прва земја што веднаш ќе стане членка на ЕУ, бидејќи сите барања во поглавјата дотогаш ќе ги исполниме. Министерот за здравство се испофали дека е оценет со најдобар напредок, а не гледа дека во породилиштата му умираат бебиња како да сме во Бијафра, а здравствениот фонд е во була. Да не остане покусо, министерот за транспорт се испофали дека не другите, туку тој бил најпозитивно оценет. Притоа, се направи како да не слушна и не виде кога струшкиот градоначалник, застанат до него, в очи му се смее и му кажува дека законот во оваа држава не важи еднакво за сите кога се во прашање дивоградбите. Така, во случајот со џамијата во Горна Белица, Министерството не може да го спроведе законот на територијата со која владее неговиот коалициски партнер, односно ДУИ, а спроведувањето на законот е основен критериум за напредок во Европа.
Но, и овој пат, како по обичај, од дрвото не ја гледаме шумата. Во оценувањето секогаш е присутен субјективизам. За мене е позитивен извештај само тој што содржи одредување датум за почеток на преговори, што очигледно не е и за Владата. Но, оцените за нашиот напредок ќе имаат тежина само ако ги почнеме преговорите. Затоа, прашањето за позитивен или за негативен извештај во овој момент е најмалку важно. Македонија е исправена пред важна одлука - каде и како понатаму. Време е да се донесе одлука во кој правец ќе се движи Македонија. Одржувањето стенд-бај е само одолговлекување на проблемите. Веќе не палат изјавите на владините претставници од типот дека наше е да работиме, а некој тоа ќе го вреднува. Таквиот пристап е глумење наивност и невиност, а, всушност, тоа го крие стравот и ја покажува неспособноста во клучни моменти да се донесат крупни одлуки за иднината на земјата. Зарем не сфаќаат дека со таквата политика, актуелната власт, а со тоа и државата, веќе губи и на прашањата во однос на идентитетот.
Во овој момент тоа е јазикот под кој сме запишани во Обединетите нации, а утре нешто друго и се' така по ред. Најверојатно, меѓународната заедница и' испраќа сигнали на македонската Влада во која насока може да се движат работите ако наместо решавање на проблемот продолжат со тактиката купување време до следните избори. А дека политиката на Владата е само купување време зборува и фактот што провладините медиуми веднаш ја прифатија идејата на високи поранешни меѓународни политичари за име со географска определба што би се применувало по нашиот прием во НАТО и по завршувањето на преговорите со ЕУ. Политиката на Владата е состојба во која се врти во круг, а тоа е најлошо за нас и не' води во ќор-сокак од кој тешко ќе најдеме излез.
Во тоа вртење на патот за Европа и НАТО останавме закопани во кал до гуша. Најмалку од се' сега е важно дека во таа неволја, и покрај нашите недостатоци, сме по вина и на други, односно на членка на Европската унија. Но, негативните последици се на нашиот граѓанин. Излезот треба да го бараме ние, бидејќи нам ни тежи проблемот и како што се движат работите само ние ќе останеме да чекаме пред вратите на Европа. Наместо да чекаме Вашингтон и Брисел да го пресечат македонскиот јазол, како што предлагаат некои странски политичари, ние треба да го одврземе, бидејќи историјата не' учи дека кога меѓународните фактори одлучувале без наше учество, Македонија останувала со куси ракави.
Во овој момент Македонија, со кандидатскиот статус, е веднаш зад Хрватска, а пред другите земји од регионот. Но, иако формално сме пред Албанија и Црна Гора, фактички сме зад нив, бидејќи времето во претстојниот период работи за нив. Тоа произлегува од фактот што, барем засега, тие немаат прашања што ќе го забавуваат нивн��то евроатлантско интегрирање. Напротив, ќе се зголемува бројот на нивните пријатели што ќе ги влечат напред, наспроти нас кои ги губиме поддржувачите. Кога веќе сме последни во регионот, Владата мора да даде одговор што ќе направи за да излеземе од оваа состојба, наместо и натаму сами да чмаеме и да гниеме во балканската крчма?
Оттука, главното прашање за Македонија не треба да биде дали повеќе преовладуваат позитивните или негативните оцени, туку како да го откочиме патот за приклучување со Европа и да излеземе од ќор-сокакот. Доколку Владата не покаже подготвеност за тоа, тогаш треба да излезе со предлог - која е другата насока во која ќе се движи Македонија и за тоа да побара поддршка од граѓаните на нови избори.
(Авторот е поранешен пратеник) |