ВМРО-ДПМНЕ е три години потстанар во музејот на Теодосиевски
За просторот што го издала лично Есма партијата не плаќа ни денар
Деспина Трајковска
Општинскиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ е потстанар во музејот на Есма и Стево Теодосиевски на Кале веќе три години. Но, за тоа не сакаат да коментираат ниту Есма ниту, пак, од партијата. „Без коментар“ и „Неиздржани обвинувања“, вака Есма Реџепова-Теодосиевска и ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија за сомнежите што ги искажа завчера СДСМ дека донацијата од 1,5 милиони евра, која Градот Скопје ја намени за музејот на Есма и Стево Теодосиевски, всушност, ќе бидат искористени за доуредување на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се наоѓа токму во објект на улицата „Самоилова“.
Есма Теодосиевска вчера потврди дека владејачката партија користи простор во музејот за свој штаб, но како што напомена, тоа не е ништо ново.
„Просторот им го дадов на користење уште пред три години и тоа за без пари. Објектот е моја сопственост и јас имам право да го издавам на кого што сакам. А, дали со или без кирија, апсолутно е моја работа. Обвинувањата на СДСМ се неиздржани, дури и срамни за нив како сериозна политичка партија. Генерално, немам коментар на обвинувањата, оти не постои никаков случај“, прокоментира вчера Есма.
Нејзината куќа со намена да биде музеј, по иницијатива на советничките групи на ЛДП, ВМРО - Народна партија и ДПА во Советот на Скопје, доби донација за доизградба во висина од 1,5 милиони евра. Токму фактот дека иницијативата е на неколку политички партии, меѓу кои не е и ВМРО-ДПМНЕ, а која единствено не ја поддржаа советниците од СДСМ, туку беа воздржани, е доказ, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, укажува оти тие, практично, се исклучени од целата наводна игра.
„Немаме толкава моќ на убедување кај другите партии. Иницијативата ја предложија трите советнички групи, а ние ја прифативме. Апсолутно се смешни обвинувањата дека парите ќе ги користи ВМРО-ДПМНЕ за доуредување на штабот. Единствено можам да изразам жалење за таквите инсинуации на СДСМ“, изјави вчера накратко Сашо Стефаноски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот Совет.
Инаку, опозициските градски советници изразија сомнеж дека донацијата од градската каса е за неисплатена кирија и еден вид благодарност за лојалноста кон Груевски. Истовремено се сомневаат и дека постои документација со која би се потврдило дека објектот е регистриран како музеј. |