Кабелските зборуваат на сите јазици, освен на македонски
Веќе една година операторите не успеваат да обезбедат превод на странските програми
Сања Наумовска
Граѓаните се' уште мака мачат да ги разберат телевизиските канали што ги емитуваат кабелските оператори, бидејќи најчесто тие се без превод на македонски јазик. Во Скопје сите оператори се придржуваат до одлуката на Советот за радиодифузија за забрана на преводите од српски, бугарски и хрватски јазик, но не даваат ниту македонски превод, емитувајќи ги каналите на нивниот оригинален јазик. Состојбата е пошарена во градовите од внатрешноста, каде што операторите ја игнорираат законската регулатива и на своите претплатници им овозможуваат да гледаат преведна програма, ама со онаа на јазиците од соседството, кој децата најчесто не го разбираат. Па така, кој разбира - разбира, а кој не - ќе мора да побара превод на преводот од домашните. Во најдобра ситуација се наоѓаат прилепчани, битолчани, охриѓани, струмичани, кои за парите што ги плаќаат добиваат и македонски превод, не морајќи притоа да се напрегаат сами да преведуваат.
За нееднаквиот третман на граѓаните свесни се и во СРД. Велат, истрајни се на заложбата насекаде да се почитува законот, но за тоа им недостасуваат вработени и технички потенцијал. „Во Скопје сме постојано присутни и поради тоа и контролата е засилена, па тука на кабелска или има македонски превод или оригиналниот јазик од земјата од каде што се емитува програмата. Во останатите градови е поинаку, бидејќи не можеме секојдневно да стигнеме да ги исконтролираме сите оператори, кои се вкупно стотина“, вели претседателот на Советот, Зоран Стефаноски. Сепак, тоа нема да ги спаси овие оператори, кои можат да бидат казнети со парични казни, но и со кривични пријави.
„Законот мора да се почитува насекаде, дециден е Стефаноски, а контролата и казнувањето ќе ги зајакнуваме со формирање на инспекторат со кој ќе ни се прошират капацитетите и ингеренциите, вели тој. Во Советот сметаат дека кабелските оператори имале доволно време да најдат начини за обезбедување превод на македонски јазик, но до скоро го избирале најлесниот пат, да понудат превод на јазиците од соседните земји, кои нам ни се блиски и разбирливи.
Иако помина речиси една година од одлуката на Советот за задолжителен македонски превод на програмите од странските канали што ги реемитуваат кабелските оператори досега ниту еден оператор нема обезбедено превод. Граѓаните се револтирани бидејќи за претплатата добиваат лоша услуга. Се прашуваат дали некој воопшто се интересира за нив како потрошувачи или важни се само кога треба да им се наплати сметката на крајот на месецот. Корисниците на услугите на кабелските, освен за преводот, реагираат и на честото менување на каналите. „Постојано се случува да исчезне некој канал што сме го гледале. Најчесто тоа се атрактивните и многу гледани спортски или филмски канали, додека, пак, оние неинтересните, никако да ги сменат“, велат претплатниците.
Додека граѓаните бараат квалитетна услуга од нив, операторите и натаму спијат на тоа уво дека странските телевизии треба да се тепаат за нашиот пазар, а не тие да се борат за своите претплатници. Обврската за обезбедување македонски превод или титл, кабелските оператори ја префрлуваат на странските ТВ-канали. Велат, каналот треба да покаже интересирање да биде реемитуван кај нас. Кабелските очекуваат меѓу странските канали да проработи конкурентноста, па да обезбедат превод, а воопшто не размислуваат да најдат начин самите да ги мотивираат.
Според Зоран Илиев, директор во „Телекабел“, една од опциите е самите да инвестираат во превод на странските програми, но, тоа, од друга страна, пак, ќе ја зголеми претплатата.
„Месечната претплата во Македонија е трипати пониска од соседните држави, каде што има обезбеден превод на домашен јазик. Ние се обидуваме да го избегнеме покачувањето на цената на услугата и ја преферираме другата опција, самите канали да најдат интерес и да обезбедат превод на македонски јазик. Дел од нив, кои подолги години се реемитуваат кај нас, како што се Фокс лајф и Фокс крајм, веќе имаат превод, а по Нова година се очекува и за Јуниверзал. На некои им треба подолг период, но, состојбата се менува со поевт��нување на технологијата за превод“, вели Илиев.
На состојбата во радиодифузијата се осврнува и Европската комисија во најновиот извештај за Македонија. Комисијата оценува дека Советот за радиодифузија не е во можност да изврши ефективно мониторирање на пазарот. „СРД донесе легислатива, која се однесува на задолжителен превод и титлови на локалниот јазик за странски програми што се пренесуваат преку кабелска телевизија што може да се коси со принципите за слободен прием и реемитување, загарантирани со директивата за аудиовизуелни медија услуги“, стои во извештајот. Комисијата констатира дека во Македонија иако беше воведена дигитална телевизија, сепак не е развиена стратегија за целосно префрлање на дигиталната платформа и користење дигитална дивиденда. Се забележува големо заостанување и доцнење во подготовките во полето на аудиовизуелните политики. |