Снимањето на „Трето полувреме“ почнува на 10 септември
24.08.2011, 14:36
На 10 септември во Охрид ќе почне снимањето на „Трето полувреме“ по сценарио и режија на Дарко Митревски. Филмот ќе се снима седум недели и во Скопје и Битола.
Тематизира вистинска приказна од 1940-тите години, кога фудбалскиот клуб „Македонија“ (претходник на „Вардар“) успеал да влезе во финале во лигата. Филмот раскажува и љубовна приказна на Еврејка (Ребека) што го избегнала холокаустот и депортацијата на 7.200-те македонски Евреи, меѓу кои и сите нејзини најблиски, благодарение на љубовта, иако поради неа била исклучена од својата заедница.
Главниот машки лик (Коста) ќе го игра Сашко Коцев и ќе го замени српскиот актер Сергеј Трифуновиќ, кој веќе не е во екипат��. Во улога на Ребека ќе биде манекенката Катерина Ивановска.
Режисерот Митревски денеска на прес-конференција рече дека новиот филмски проект е процес што трае десетина години, зашто првата верзија на сценариото ја имал уште во 2002 година.
- Ова е приказна со која долго живеам, во меѓувреме растеше и се подобруваше... Секој ден не се снимаат историски филмови, на тема фудбал, холокауст, Втора светска војна. Ова е епски филм и за тоа да биде видено утре на филмското платно потребни се сетови какви што веќе не постојат. Снимаме низ цела Македонија за да ги откриеме најинтересните локации кои оваа земја може да ги понуди зашто сакаме „Трето полувреме“ да биде и една разгледница на мистиката и егзотиката на нашата земја, рече Митревски.
Во филмот учествуваат околу 60 актери и 1.500 статисти за масовните сцени. Стадионот е лоциран кај Хавзи-пашините конаци во скопско Бардовци. Во студиото во Скопје се изградени ентериери за потребите на филмот, се собираат стари возила - и сето тоа, како што истакна Митревски, за да се создаде илузијата на Македонија во ’40-тите години на минатиот век. Во филмот ќе биде вметнат и архивски материјал (снимки од окупацијата во 1941, паради...)
Покрај Коцев и Ивановска, во филмот играат и Рихард Замел, Раде Шербеџија, Емил Рубен, Митко С. Апостоловски, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Димитар Доксевски, Оливер Митковски, Милан Тоциновски, Аксел Мехмед, Ивица Димитриевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Бедија Беговска, Верица Недеска-Трајкова и Петар Арсовски.
Филмот е во продукцијата на „Кино-око“, а партнери за постпродукција се I/O Post и Barandov Sound Studio од Прага. Директор на фотографија е Клаус Фуксјагер, дизајнер Иван Бартлинг, костимограф Ксенија Терзовиќ, композитор Кирил Џајковски.
Вкупниот буџет е 2.150.000 евра. Еден милион евра се од Владата на РМ, која го прогласи за филм од национален интерес, 500.000 евра се од Филмскиот фонд на Македонија. Генерален спонзор е Шпаркасе банка, а помагатели се Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
|