|
|
|
|
|
|
Македонија
Забрана за движење во шумите до 3 септември
24.08.2011, 14:00
Во следните 10 дена се воведува целосна забрана за движење во шумите и шумските појаси на целата територија на Република Македонија.
- Забраната не важи само за вработените во претпријатијата кои вршат сеча - соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната прес-конференција.
Забраната ќе трае до 3 септември од 17 часот попладне до 7 часот наутро, а целта е превенирање од пожари зашто можноста од нивна евентуална појава деновиве е зголемена поради топлотниот бран што ја зафати земјава.
- Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи во наредните неколку дена се очекуваат високи те��ператури, јужен ветер, ниска релативна влажност на воздухот без услови за дожд што е поволно за ширење на пожарите. Освен мерките за превенција што ги донесе Владата на синоќешната седница уште еднаш апелиреме до земјоделците да не ги палат стрништата - истакна Димовски.
Министерството за внатрешни работи, граничната и шумската полиција во следните 10 дена ќе вршат 24-часовна контрола и легитимирање на секое лице затекнато во шума.
Дирекцијата за заштита и спасување постојано ја следи состојбата и е целосно подготвена да реагира во случај на какво било опожарување.
- Сите човечки ресурси на Дирекцијата се во постојана готовност за навремена реакција. Има и дежурни екипи кои работат за време на викендите - рече директорот на Дирекцијата Шабан Салиу и информира дека моментно во Македонија нема пожари од отворен карактер.
Директорот на Центарот за упарување со кризи Тони Јакимовски повика граѓаните да пријават каква било опасност од појава на пожар на бројот 195, со цел навремена интервенција.
Од 1 јули до 22 август годинава се регистрирани 219 големи пожари што во споредба со лани, како што нагласи министерот Димовски, е скромна цифра. Опожарени се 7.000 хектари од кои 2.400 во Битолско. Од вкупно опожарените 6.600 хектари се нискостеблеста шума и високи треви, а 400 хектари се висока борова шума и молика. Штетите се проценуваат по што ќе бидат јавно соопштени.
|
#
|
Статијата е прочитана 226 пати.
|
|
|
|
|
|
|