Имаат водовод, ама немаат вода
Во село Мраморани, Прилепско, водоводот е изграден пред три години, но до денес не протекла ни капка вода низ чешмите
Моника Талеска
Прилеп - Во селото Мраморани, само 12 километри од Прилеп, часовникот како да престанал да го одбројува времето пред 60 години. Зашто четириесетината повозрасни мраморанци живеат во исклучително лоши услови. Низ селото води земјен пат, кој при секој дожд станува каллив, па тешко се поминува и со запрежна кола. Речиси сите куќи се стари, изградени од камења, малтер и од дрва. Некои од овие повеќе колиби отколку куќи имаат руинирани чардаци, кои изгледаат како во секој момент дека ќе се урнат. Низ селото нема осветлување, а и електронапојувањето не е квалитетно. Вода немаат, па мештаните се капат во сопствената пот на пеколните горештини, а в зима домаќинките смрзнуваат додека да исперат на бунарите што полека, од година в година, секнуваат.
А, пред три години во селото е изграден водовод. Меѓутоа, до денес низ чешмите не протекла ни капка вода. Локалната самоуправа од Долнени нема пари за да изгради дополнителен приклучок до водоводната мрежа во другите села во регионот, а шахтата од Мраморани се наоѓа само на еден метар до шахтата од соседното село Мажучиште, кое е приклучено на градската водоводна мрежа.
Жителите се жалат, со години бараат решение за проблемот. Од Општина Долнени велат дека најдобра солуција е селскиот водовод да биде предаден во владение на прилепското јавно претпријатие. И во прилепски „Водовод и канализација“ има расположение да им се помогне на мраморанци, конечно, да го решат вековниот проблем со водата за пиење.
Сите жители еднаш на два-три дена со автомобили или со запрежни коли заминуваат во соседните села со гајби полни со пластични шишиња и молат за вода.
„Јас сум среќна што таа обврска ја имаат моите синови, кои се доволно возрасни, па постојано влечат гајби, полнат пластични канти за да има вода. Јас не можам, не сум способна да го правам тоа, а има луѓе што постојано се мачат. Сите одат во Сенокос, во Мажучиште, кај пријатели. Добро е што луѓето се добри, имаат разбирање, па не ни прават проблеми. Инаку ќе изумреме за вода. Многу е тешко, мачен е животот без вода. Переме на рака, миеме чинии, тука во дворот, за дома да ни биде чисто“, вели Сребра Ристеска.
Иста е маката и на другите жители. Сите имаат бунари во дворот, оттука црпат вода за да ги полеваат бавчите, расадите за тутунот, за да го напојат добитокот. Се мачат од утро до мрак, но велат - таква им била судбината.
„Сите собравме пари, прво дадовме по 2.500 денари, а потоа уште по 500. Беше изработен проект што беше доставен во Општина Долнени и тргна работата. Ете, ни изградија водовод. Ама што се случи потоа, никој не знае, еве 3 години капка не протекла. Некаде има проблем, а што е, како е, ништо не знаеме“, вели Томе Ристески.
Од Општина Долнени објаснуваат дека советниците веќе изгласале одлука, стопанисувањето со селскиот водовод да биде во рацете на прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“.
„Барањето го доставивме до Општина Прилеп. Сметаме дека така проблемот за жителите на Мраморани ќе се реши многу бргу. Бидејќи шахтата за Мраморани е оддалечена само еден метар од онаа за водоводот на соседното село Мажучиште, со кој стопанисува прилепски ’Водовод‘. Долненската општина нема толку пари, а, според мене, тоа е огромен непотребен трошок за да се гради приклучок од еден километар, да се копа железничката пруга и патот за Кичево, за што треба да се обезбедат многу дозволи, што ќе ја пролонгира постапката. Во овој случај проблемот ќе се реши со минимални трошоци, а жителите ќе имаат вода за пиење“, истакнува Абдула Бајрамоски, градоначалник на Општина Долнени.
Во прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ постои расположение да се реши проблемот.
„Доколку Советот на општина Прилеп изгласа одлука, ние ќе го преземеме стопанисувањето со водоводот. Секако дека ќе биде потребна дополнителна интервенција, треба да се направат и стручни анализи дали моменталниот приклучок за селото Мажучиште ќе ги задоволи потребите за вода и за соседното Мраморани. Но, како и да е, има решение и ние ќе направиме се' што е во наша можност жителите да добијат вода за пиење“, вели Сашо Николоски, директор на „Водовод и канализација“.
А, мраморанци сонуваат само еден сон, конечно, да добијат вода за пиење и еднаш за секогаш, како што велат, да ги заборават водените маки.
„Сите имаме селска слава, но денот кога ќе протече вода низ цевките, за нас ќе биде најголема слава зашто тоа е сон на сите нас. Цел живот овде сме го поминале без вода, сакаме и децата и внуците да останат на нашите корени и да не си заминуваат. Но, тоа е можно само доколку се пушти водоводот и во најмала мера се изгради пат до селото. Вака се чувствуваме заборавени, оставени сами на себе, препуштени на судбината, а погледите на младите се свртени кон градот“, се жалат жителите.
Во селото нема ниту продавница, ниту селска црква, ниту, пак, некаква можност за анимација. Луѓето се невработени, одгледуваат добиток и садат тутун и така мачно и безнадежно ја обезбедуваат својата егзистенција. Во селото има неколку млади дечиња што се најголема радост на сите жители.
„За среќата на овие мали деца, за радост на сите треба да ни се решат барем неколку најважни проблеми. Ние немаме друго место за живеење, Мраморани е наш дом, затоа сакаме подобар живот“, вели Милица Стојаноска, млада баба на две мали внучиња.
|