Сите купуваат евра, од каде се денарите
Соња Маџовска
Граѓаните се' повеќе ги претвораат денарите во странска валута. Плашејќи се дека денарот ќе девалвира, а како што се приближуваат изборите така и стравот се зголемува, на менувачкиот пазар сите бараат да купат, но никој не продава евра.
Од менувачниците коментираат дека граѓаните ги вадат заштедите во денари од банките, ги претвораат во евра и ги носат дома. Едно евро се продава по цена од 61,8 денари, а се купува по 61,5 денари.
„Никој не продава, а сите сакаат да купат девизи. Тоа е особено изразено последнава недела. И ние менувачниците нема од каде да откупиме евра. Банките, исто така, не продаваат девизи“, велат од менувачницата „Биб“. Тие коментираат дека не им е јасно од каде се најдоа толку многу денари. Во текот на денот на еден клиент може да му заменат најмногу до 2.000 евра.
„Имаме голема побарувачка на евра. Граѓаните се плашат од девалвација и дека она што се случува во Србија ќе дојде и кај нас. Но, проблем е што и ние не можеме да купиме евра“, велат и од менувачницата „Арба“.
Од банките велат дека не прават разлика меѓу обични клиенти и менувачниците.
„Во Стопанска банка нормално се одвива процесот околу продажба на девизи“, велат од Стопанска банка. Според последниот извештај на НБМ се вели дека значително била зголемена побарувачката за девизи. |