Поглед
Само нека потрае
Тамара Грнчароска
Одмерено и енергично се одвива предизборната кампања во земјава, без регистрирани инциденти и насилства. Ова е оцената која деновиве ја дадоа неколку странски амбасадори во Македонија, но и периодичниот извештај на странските набљудувачи на изборите од ОДИХР, кои ги пофалија партиите и нивните кандидати за цивилизирана реторика.
Заедничките појадоци и прошетки на претседателските кандидати, телевизиските дебати кои не ја потресоа нацијата со кавги и навреди, говорите на митинзите кои генерално се држеа во рамките на „дозволениот“ речник за противниците, го покажаа убавото лице на македонското предизборие. Покажаа дека и така сме знаеле, без напади врз партиски канцеларии и членови, изборни штабови. Уште да ги немаше регистрираните притисоци врз јавната администрација и човек може да се праша дали ова е истото политичко милје кое се „бореше“ на предвремените избори минатата година. Како и да е, само нека потрае.
Останаа само уште неколку дена, како што не' посоветува чешкиот премиер и претседавач со ЕУ, Мирек Тополанек, пред да матурираме. Засега добро ни оди. Ни останува само да се надеваме дека партиските „траблмејкери“ нема да се „повампират“ по наредба на партиските центри и да ги повторат минатогодишните избори, или некои претходни, и сите да не' седнат во магарешка клупа. Она на што не смееме да се надеваме, туку само да го очекуваме е дека „изолираните“ обиди за такво нешто власта успешно ќе ги спречи.
Сепак, на чекор до преодната оцена за Македонија од меѓународната заедница за изборите, не смееме да заборавиме дека позитивната оцена, пред се', е од нас за нас, за нашата сопствена политичка зрелост и демократичност. Оцена која најголемиот број граѓани одамна ја заслужија и која конечно треба да им се даде. |