Батон најсмирен во хаосот во Кина
Хамилтон втор во првата британска еден-два победа во Формула 1 по 1999 година
Бранителот на титулата Џенсон Батон смирено си го трасира патот низ хаосот во дождливата трка за Големата награда на Кина и стигна до својата втора победа сезонава, оставајќи го веднаш зад себе Луис Хамилтон во еден-два триумфот на Мекларен. Триесетгодишниот Британец, кому деветтата победа во кариерата го исфрли на чело во вкупниот поредок сезонава, врескаше преку тимското радио „навистина го заслуживме ова“ додека влегуваше низ целта.
„За мене ова е мојата најдобра победа!“, изјави по трката еуфоричниот Батон, кој трката ја почна од петтата позиција. „Условите беа многу тешки и во такви околности извонредно е што бевме добри. Не станува збор само за среќа поради времето“.
Хамилтон, кој се проби од 12. место во четвртиот круг до второто со заостанување од само 1,530 секунди зад сонародникот во првата британска еден-два победа по 1999 година, се' уште е под закана од казна за агресивното возење. По трката е поведена истрага за неговата блиска средба во пит-стопот со Себастијан Фетел од Ред бул.
„Имав многу содржајна трка“, беше првата реакција на светскиот првак од 2008 година, кој го прегрна Батон и му подаде рака по трката. „Се пробив низ мешаницата и обајцата завршивме фантастична работа. Ова е извонредно за тимот“.
Германецот Нико Розберг вторпат едноподруго на Мерцедес му донесе трето место. Шпанецот Фернандо Алонсо од Ферари, кој беше казнет со минување низ боксот поради прераниот старт, заврши четврти.
Батон сега има 60 поени, десет повеќе од Розберг, а третото место го делат Хамилтон и Алонсо со по 49. Мекларен води кај конструкторите со 109 поени пред Ферари со 90.
Носителот на пол-позицијата Фетел, кој победи во претходната трка во Малезија и лани овде, мораше да се задоволи со шестото место, финиширајќи зад Роберт Кубица од Рено и оставајќи го Кинеското гран-при и по седмото издание без возач што го одбранил трофејот од претходната година.
„Денеска беше многу хаотично и на крајот да се освои шестото место може да се покаже многу важно“, изјави Фетел. „Нашите главни ривали завршија пред нас, што не е добро. Ова беше многу тешка трка за нас“.
Виталиј Петров од Рено ги помина и Михаел Шумахер од Мерцедес и Марк Вебер од Ред бул во последните неколку круга, освојувајќи го импресивното седмо место во првата завршена трка за Русинот во Формула 1.
Прераниот старт на Алонсо, безбедносното возило по колизијата на три болида во првиот свиок, силниот дожд и уште едното појавување на безбедносното возило на патеката во подоцнежниот дел од трката придонесоа за возбудлив, но хаотичен натпревар.
„Пет пати запиравме за да смениме гуми“, вели двократниот светски шампион Алонсо, кој „на мускули“ го престигна својот тимски колега од Бразил и досегашен лидер во првенството Фелипе Маса додека обајцата итаа кон пит-стопот. „Се надевам дека во идната трка ќе имаме нормален викенд. Само еднаш имавме таков во Бахреин и победивме. Според тоа, ни требаат повеќе нормални викенди“.
Розберг изби во водство по првите неколку круга, следен од Батон и од Кубица, додека фаворитите во трката од Ред бул и Хамилтон мораа да ги менуваат гумите за да се прилагодат на условите на патеката. Во својот бескомпромисен дуел со Фетел и на влезот и на излезот од пит-стопот Хамилтон покажа дека несомнено бил критикуван за своето возење во Малезија. Овој пат Британецот даде се' од себе за да ги помине Фетел и Адријан Зутил во еден свиок, а имаше и возбудлива битка со седумкратниот светски првак Михаел Шумахер.
Батон го престигн�� Розберг непосредно пред долгиот стартно-целен правец и веднаш потоа ги посети своите механичари, враќајќи се на чело пред второто безбедносно возило во 20. круг. |