Влезници за Мундијалот и во супермаркети
ФИФА реши да направи преседан и за СП во Јужна Африка пушти влезници и во слободна продажба
На неколку претходни мундијали, влезниците се продаваа исклучиво преку сајтот на ФИФА, а поради големото интересирање добитниците се извлекуваа по пат на лотарија.
Сега, организаторите се соочени со фијаско, затоа што на помалку од два месеца пред почетокот на Светското првенство останаа непродадени повеќе од половина милион влезници. На тој начин со остварија стравувањата дека навивачите нема да сакаат да патуваат во држава која има репутација на една од најнебезбедните не само во Африка, туку и во светот.
За да се спаси, ако може нешто да се спаси, ФИФА реши тие влезници да ги пушти во слободна продажба, па така тие може да се најдат по шопинг моловите и поголемите супермаркети, а ќе може да се купуваат во кеш. Влезници има за сите натпревари, освен за финалето, кое ќе се одигра во Јоханесбург на 11 јули.
Љубителите на фудбалот од почетокот се жалеа на начинот на продажбата на влезниците, затоа што во таа држава многу малку луѓе имаат дебитни и кредитни картички, па од стартот беа оневозможени да купат билети.
Покрај начинот на плаќањето, за локалното население проблем е и цената на влезниците. Иако ФИФА реши да направи исклучок и да пушти во продажба контингент на влезници по, за светски стандарди, симболична цена од само 20 долари, тие и натаму се десет пати поскапи од билетите за домашното првенство. |