Савевски и Начевски во клинч во Тунис?
Селекторот и в.д. генералниот секретар на РФМ демантираат дека се степале по третиот тест-меч
Имало или не физичка пресметка меѓу селекторот на машката репрезентација Љубомир Савевски и в.д. генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Марјан Начевски, во Тунис? Официјална потврда нема, обајцата ја демантираа информацијата на една од македонските телевизии, па од таа гледна точка останува непотврдена верзијата според која двајцата си размениле тешки зборови, па дури и удари по третиот и последен контролен натпревар со домаќинот. Наводно, до потешки последици не дошло поради брзата интервенција на македонските репрезентативци, а блиската средба била испровоцирана од спротивставените гледишта за тоа што треба да се менува во мечот во Темим за да се избегне поразот од 28:27. Така вели неофицијалната информација, а што точно и дали нешто воопшто се случило останува на совеста на тие што од далечниот Тунис испратиле таков абер, за потоа сите да се сокријат во глувчешка дупка и на крајот се' да се заврши со инсистирањето на двајцата најповикани дека немало ништо меѓу нив.
Ова е вторпат за кратко време од акција на македонскиот машки национален тим надвор од границите на државата да стигнат вести за тепачка. Минатата година за време на Светското првенство во Хрватска имаше блиска средба и меѓу тогашниот селектор Иле Темелковски и репрезентативецот Радослав Стојановиќ. Темелковски тогаш најави дека ќе го пријави Стојановиќ до Дисциплинската комисија на РФМ, за на крајот се' да му биде препуштено на заборавот.
Во Тунис од 15 до 17 април се играше и ракомет и Македонија не помина добро во резултатска смисла. По ремито 27:27 во првата средба во Сфакс, кога Тунижаните на полувремето водеа со 15:8, следуваа поразите од 26:20 (13:12) во Монастир и 28:27 (16:14) во Темим. (Р.Д.)
РЕВАНШОТ СО БУКСТЕХУДЕ ОДЛОЖЕН НА НЕОДРЕДЕНО
Европската ракометна федерација и официјално го одложи возвратниот натпревар од полуфиналето на Челинџ купот меѓу Букстехуде и Металург што требаше да се одигра во саботата во Германија, и тоа на неодредено време. Претходно, за 2 мај беше презакажан реваншот од другиот полуфинален дуел меѓу Вистал Лачпол и Гепинген во Гдањск поради погребот и неделата на жалост во Полска по трагичната смрт на претседателот Лех Качињски.
Како и во случајот со македонско-германската пресметка во Челинџ купот, хаосот во авиосообраќајот во Европа поради ерупцијата на вулканот на Исланд ја принуди европската куќа на ракометот да го одложи и реваншот од полуфиналето на женскиот Куп на ЕХФ меѓу Баер Леверкузен и Елда Престижо поради неможноста на Шпанките навреме да пристигнат во Германија. Од истата причина е одложен и квалификацискиот турнир во Рејкјавик за Европското првенство за ракометари до 20 години, на кој минатите три дена требаше да учествува и Македонија.
ЕХФ објави дека нема други одложувања на мечевите под нејзина закрила што требаше да се одиграат викендов. (Р.Д.) |