Македонија на стартот со Шпанија
Миодраг Мицковиќ
Во малата сала на „Борис Трајковски“ беше извлечена ждрепката за Европското фудбалско првенство за младинки, до 19 години што ќе се одржи во Македонија од 24 мај до 5 јуни на кое ќе учествуваат осум репрезентации. Тоа се Македонија, Шкотска, Англија, Германија, Италија, Шпанија, Холандија и Франција.
Во „А“ групата ќе играат: Шкотска, Англија, Германија и Италија, во „Б“ групата: Македонија, Шпанија, Холандија и Франција. Во присуство на претставникот на УЕФА ждрепката ја извлекоа еден од нашите најдобри фудбалери Илија Најдоски и најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андоновска.
На пригодната свеченост требаше да присуствуваат претставници на сите репрезентации, но од објективни причини, поради затвореноста на голем број аеродроми во Европа, тие не можеа да допатуваат во Скопје иако го најавија своето доаѓање.
Според ждрепката на стартот Македонија ќе игра на 24 мај против Шпанија на Арената „Филип Втори“.
Инаку, мечевите ќе се играат во Скопје: Арена „Филип Втори“, на стадионот „Борис Трајковски“ и на Железарница, во Куманово на стадионот „Башкими“.
За потребите на репрезентативките, за време на нивниот престој во Скопје ќе бидат реновирани осум терени на кои ќе можат да тренираат. Тоа се на Македонија (ГП), Цементарница, Работнички, „Еуро-милк“ во Горно Лисиче, во Марино, Гром, Илинден и Алумина.
Сите репрезентации ќе бидат сместени во хотелот „Александар Палас“ и „Холидеј ин“, а судиите, контролорите во хотелот Карпош. Директор на турнирот е Жарко Игњатовски од Фудбалската федерација на Македонија.
Македонската репрезентација, пред стартот на Европското првенство под раководство на селекторот Добре Димовски ќе се подготвуваат десетина дена во спортскиот центар „Истатов“ во Дојран. |