Кацарска на судење, а предметот го нема никаде
Судењето за напад на полицаец не можеше да се одржи, бидејќи судијката не успеала да го најде предметот
Љубиша Станковиќ
Судењето на скопјанецот Јане Пав��овски, обвинет за напад на полицаец, вчера започна со невиден скандал. Претседателот на Советот, кој постaпува во овој случај, судијката Добрила Кацарска, на присутните им соопшти дека го нема предметот кај себе, од едноставна причина што не може никаде да се најде! Додека таа објаснува дека станува збор за преседан што досега не и' се случил во долгогодишната кариера, од скопска „единица“ објаснуваат дека предметот не бил вратен од Апелациониот суд.
Сепак, никој во судот вчера не објасни како е можно судењето за притворено лице да биде закажано и врз која основа е испратено барање за спровод на притвореникот до затворот „Скопје“, а притоа предметот по кој треба да се постапува, едноставно да исчезне.
„Предметот не ми е доставен за судење. Два дена го барам и се' уште не знам каде се наоѓа. Имав некои информации дека тој, по жалба, е во Вишото јавно обвинителство, но еве предметот го нема. Вакво нешто досега ми се нема случено во мојата 24-годишна кариера“, им соопшти судијката Кацарска на присутните.
Судијката Кацарска рече дека не може да им одговори ништо на бранителите на обвинетиот Павловски, по прашање на нивните поднесоци, бидејќи воопшто не знае што има во предметот, но дека за она што се случува во судницата, ќе изготви службена белешка.
Несериозниот однос на судот кон обвинетиот, кој веќе два месеца е во притвор и го очекува почетокот на судењето, внесе дополнителна нервоза и збунетост не само кај обвинетиот туку и меѓу неговите најблиски. Вчерашниот преседан, само кратко по напуштањето на судница, беше коментиран како продолжение на „тивката војна“, која трае меѓу поранешната Добрила Кацарска и актуелната претседателка на скопска „единица“, Лидија Неделкова. Но, без оглед на тоа што лежи во заднината на случајот, судски извори коментираат дека некој, веројатно, ќе треба да понесе одговорност за она што се случи во скопскиот Кривичен суд.
Со официјален став за случајот вчера се произнесе и скопска „единица“. Според истражниот судија и портпарол на судот, судијата Владимир Туфегџиќ, за настанатиот проблем не треба да се бара вина ниту кај судот, ниту кај судијата Добрила Кацарска.
„Конкретниот предмет, по жалба, се' уште е во Апелациониот суд во Скопје и за него се чека мислење од Јавното обвинителство, па токму затоа и не е вратен. Нашите службеници го известиле Апелациониот суд дека е закажано судење, но предметот не е вратен назад“, вели судијата Туфегџиќ.
Што се однесува до вчерашното судење, на него освен обвинетиот, се појавија и шестмина припадници на полициските „алфи“, а беа повикани и сведоци.
Јане Павловски се најде на обвинителна клупа по инцидент што се случил во неговото соседство. Тој бил на гости кај сосед, кој во тоа време не бил дома. Кога му било јавено дека Павловски е кај него, тој, веројатно, од страв ја повикал полицијата, бидејќи од порано имале недоразбирања. На повик на домаќинот, реагирале „алфи“, но Павловски, наводно бил под дејство на алкохол, по што дошло до турканица и напад на еден од полицајците. Новиот старт на овој судски процес е презакажан за октомври. |