Манчевски трет пат во трка за номинација за „Оскар“
Македонија и годинава ќе испрати свој национален кандидат за номинација за „Оскар“ за странски филм. Филмот на Милчо Манчевски „Мајки“ е негов трет филм што ќе ја претставува Македонија во оваа престижна трка. „Пред дождот“ ја доби трката пред 15 години и стана единствениот македонски игран филм што доби номинација за „Оскар“. Подоцна во трката за номинација беше и „Сенки“, а оваа година повторно ќе се обиде „Мајки“.
Петчлената комисија, која ја предводеше претседателот на Друштвото на филмски работници, Горјан Тозија, одлучи дека од двата филма кои беа готови и кои ги исполнуваа условите според пропозициите на Американската филмска академија, наш кандидат да биде „Мајки“. Вториот филм, кој на наше големо изненадување беше предложен да влезе во овој избор, е новото остварување на Митко Панов „Војната заврши“. Малку е чудна практика секој филм што е готов, а е направен целосно или делумно со македонски пари да се обидува да влезе во оваа трка... Тоа е нешто за што сериозно треба да се подразмисли.
Покрај Тозија, во комисијата беа и: Димитар Попов - директор на фотографија, Жаклина Крстевска - костимограф, Антонио Митриќески - режисер и Иван Бартлинг - сценограф. Филмот на Манчевски, како што не' извести дистрибутерот, го имал своето седумдневно промотивно прикажување во матичната земја (што е услов за влез во оваа трка) во новиот Сити центар во Гостивар. На „Мајки“ сега му претстои промоција и одреден маркетинг во Америка, кој би требало да му помогне на филмот во неговиот пласман. Претходните години Македонија имаше повеќе кандидати, како што се „Јас сум од Титов Велес“, „Сенки“, „Созерцание“, „Контакт“, „Големата вода“, но ниеден од нив не успеа да влезе во малиот круг од пет кандидати. Новата битка допрва треба да почне. (С.У.) |