Мислења
Институционална (не)согласност за Бурмали џамија
Назми Малиќи
Кршењето на човечките права и слободи веќе не е само интерно прашање на државниот суверенитет, туку стана светска, глобална грижа
Кога се вреднува нивото на политичката култура на граѓаните и нивните партиски претставници можат да се наредат повеќе прашања: колку се почитуваат правата и слободите на граѓаните; дали меѓунационалната политика се реализира со прифатливи закони; колку и како е разбрана од страна на политичарите и граѓаните плуралната демократија; колку беше во функција политичката тензија за надминување на некои проблеми од минатото; политичката култура; која е етиката на одговорност во редовите на политичарите и другите кои имаат моќ и влијание за градење на внатрешните односи и слично. Во ова размислување ќе настојувам да се фокусирам на верската толеранција и почитувањето на верските разлики.
Во некои поранешни размислувања ги потенцирав политичките и партиските несогласувања за изградба на Бурмали џамија на плоштадот на Скопје. Мојата поента беше желба за постигнување верска рамнотежа во тоа бетонска и бронзена архитектура на спомениците и статуите. Мислев дека согласноста за градење џамија меѓу луѓето - верници може лесно да се постигне за да не се создаде ситуација на верска демотивација или нетолеранција. Едноставно, не верував дека за ова многу чувствително прашање ќе следува и такво поместување на ситуацијата со оглед дека ова прашање е ставено во сенка на недоразбирањата и конфликтите внатре меѓу оџите и раководните структури во ИВЗ. И сега моето прашање го насочувам кон власта: како може да се градат џамии во центрите на големите градови низ САД и Европа? Колку е реално да се очекува за оваа прашање без шминка и глумење да се изјасни Владата на Република Македонија и Општина Центар. Со разум и политичка одговорност да се изјаснат и да подготват толерантен меѓуверски амбиент за подготвување на потребната документација за изградба на Бурмали џамија. Имајќи го предвид партиското влијание на СДСМ во Општина Центар, очекував активно и поубедливо политичкото однесување во донесувањето на дополнителните урбанистичките одлуки за проектот „Скопје 2014“. Албанските партии, без разлика дали се во власт или во опозиција, секогаш го губеле влијанието.
Затоа и се отвора дилемата - дали некогаш може да се очекува институционално размислување и без тензии да се решаваат проблемите кои би значеле - подигнување на граѓанската и лидерската свест за сериозноста на проблемот. Со такво однесување ��е се постигне политичка зрелост, меѓусебното разбирање и подготвеност за меѓуверска толеранција, при што со дијалог ќе се уредуваат односите меѓу граѓаните како проект за меѓусебно почитување. Можеби и ќе се појасни и улогата на опозицијата, како што истакнуваше Јане Мансбридге во своите теориски истражувања за политичкото организирање. Имено, дека „опозициската демократија создава победници и губитници“. Да бидам уште појасен: дали во блиска иднина може да се очекува премиерот Груевски и лидерот на опозицијата, Црвенковски, да бидат главни политички актери за постигнување согласност за надминување на проблемот околу изградбата на Бурмали џамија. Време е некој да почне да размислува за чувствата и на другиот и да се појави како фактор на градење трајни институционални облици на политичко однесување.
Во ерата на глобализација и евроатлантски интеграции, лидерите - политичките актери, луѓето од културата и од државната власт повеќе не можат да се затскриваат зад рамките на националната држава. Затоа, во повеќе наврати, повеќе ЕУ-дипломати и упатуваат добронамерни пораки на актуелната влада да се коригира, да се насочи кон градење верска и меѓунационална рамнотежа. Понекогаш претставници на ВМРО-ДПМНЕ, во нивни медиумски изјаснувања, меѓу редови, таквите пораки нервозно ги прифаќаат, но може да се забележи и нивна партиската порака дека за промена на курсот на политичкото однесување или преориентација на надворешната политика никој не треба да ни се меша во внатрешните работи. Партиските пораки од таков вид веќе им припаѓаат на минатите времиња. Позиционирањето на политичкиот субјект за толерантност проследена со конкретни чекори значи мобилизирање на политичкиот субјект како и анимирање, мотивирање и инструирање на сите носители на политички ангажирања - функционери, активисти, симпатизери и слично.
Според тоа, основен услов за толеранција е постоењето разлики во идеите, во интересите, во вредностите, како и можноста тие да се искажат независно од тоа која и каква е разликата. Маркузе, кога зборува за толеранција, смета дека во општество на нееднаквости не е можна толеранција како цел сама за себе. Толеранцијата е цел сама за себе „само тогаш кога е универзална, кога ја применуваат оние кои владеат“.
Од дипломатските активности за регионалната и меѓусоседската соработка, почитувајќи го и севкупното интегрирање внатре во државата, со претходните иницијативи што произлегуваат од евроатлантските структури, од владините структури и академските кругови, треба да се фаворизираат идеите за нормална комуникација, отворени граници и со современи форми на регионална соработка во еден нов геополитички модел. Да повторам - во градењето толерантното однесување треба да се сочува довербата на луѓето кои се декларираат како верници и кои сакаат нивното однесување да го следат со морални верски норми. Позитивните процеси се градат, се доградуваат и се култивираат со влијателни личности. Замислете - кој би поверувал дека илјадници муслимански верници на отворено на плоштадот, со специјална дозвола од власта, и во Котција во центар на Атина се собраа да се клањаат на утринската молитва по завршувањето на постите за Рамазан-бајрам. Ова е добар пример дека и во Грција се сетиле дека со некогашниот класичен суверенитет и со поигрување со верските чувства на другите - ќе останат на минатото. Веќе им е совршено јасно дека власта не може да прави што сака со граѓаните. Непочитувањето на разликите, на верските и националните особености, кршењето на човековите права и слободи, веќе не е само интерно прашање на државниот суверенитет, туку стана светска, глобална грижа.
(Авторот е универзитетски професор) |