Состанок на министрите за одбрана од ЈИЕ во Охрид

На состанокот присуствува и американскиот секретар за одбрана Гејтс
Министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа - СЕДМ од вчера до четврток во Охрид ќе одржат официјален состанок. Состанокот на министрите за одбрана од ЈИЕ е десетти по ред и претставува јубилеј, ако се има предвид фактот дека на 26 септември 2008 година се навршуваат десет години од потпишувањето на Договорот за мултинационалните мировни сили на Југоисточна Европа, врз основа на кој во 1999 година е формирана бригадата на Југоисточна Европа.
На состанокот, покрај министрите за одбрана на државите од регионот, се очекува да присуствуваат и американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, командантот на јужното крило на НАТО со седиште во Неапол, Марк Фицџералд, командантот на бригадата на Југоисточна Европа, Вирџил Балацеано, грчкиот министер за одбрана, Евангелос Меимаракис, и италијанскиот државен потсекретар Џузепе Косига.
Гејтс во Македонија ќе допатува од Косово, во рамките на својата европска турнеја. Тој вчера за време на престојот во Косово соопштил дека силите на САД таму ќе останат најмалку до крајот на 2009 година.
Посетата на Гејтс на Косово и на Македонија ја започнува неделата на средби на американскиот државен секретар со своите европски колеги, во кои се очекува тие да се фокусираат на руската воена интеревенција во Грузија. Гејтс, според најавите, во Македонија ќе се сретне со претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и министерот за одбрана, Зоран Коњановски. (Н.Р.) |