Убиецот на командирот од Ваксинце пред суд

КУМАНОВО - Под силно полициско обезбедување, вчера во Основниот суд во Куманово започна судскиот процес против Заим Халили од Ваксинце, обвинет дека во септември минатата година го лиши од живот командирот на полициската станица во Матејче Фатмир Аљиљи од Отља, Кумановско. На вчерашното рочиште сведочеа две лица, по што судењето беше одложено за десетина дена.
Командирот Аљиљи беше убиен во заседа поставена на патот кај влезот на Ваксинце, а беа повредени двајца полицајци. Оружениот напад се случи во еден часот по полноќ, кога полициската патрола со четири џипа беше нападната додека вршела редовна контрола на теренот.
Никогаш не се дозна колкав е бројот на загинати напаѓачи. Првично, МВР информираше дека се убиени две лица, роднини на т.н. командант Џејми Шеј, но подоцна се испостави дека еден од нив успеал да пребегне во Косово. Со 12 прострелни рани мина и Заим Халили, но и тој успеа да избега во Косово. Подоцна, откако му беа залечени раните, беше екстрадиран во Македонија. (Ст.Б.) |