Кризата ги мобилизира нашите банкари

Гувернерот ги свикал домашните банкари за да се информира дали нивните пласмани во европските банки се сигурни
Соња Маџовска
Светската финансиска криза го мобилизира и нашиот банкарски врв. Неофицијално, деновиве има интензивна комуникација и средби на релација гувернер на Народна банка на Македонија со првите луѓе на банките, со цел будно да се следат состојбите за да не дојде до евентуални несакани последици.
Вчера во централната банка гувернерот ги свикал секторските директори на домашните банки за да се информира за тоа дали нивните пласмани во некои од европските банки се сигурни. Гувернерот не го потврдува ова официјално. Првиот човек на НБМ, Петар Гошев, само вели дека будно се следат состојбите околу она што се случува на глобално ниво и кај нас. „Со банкарите имаме редовна и нормална комуникација за сите прашања. Македонија има здрав банкарски систем, високо ликвиден, со добра супервизија, и нема директна изложеност на ризици што го погодија светот. Банките немаат ризични пласмани во инструменти и банки кои се најмногу погодени од светската криза“, потенцира гувернерот.
Банкарскиот еснаф тврди дека нема простор за паника. Парите на граѓаните во домашните банки се сигурни, уверуваат банкарите. Стравот и паниката во Европа нема да влијаат и да предизвикаат директни последици врз банкарскиот сектор во земјава.
„Македонските граѓани да не се грижат. Штедните влогови моментно се посигурни во домашните банки отколку во европските. Македонските банки се ликвидни и немаат загуби. Конкретно, НЛБ Тутунска банка ги чува депозитите во сигурни странски банки. Се прави и дисперзија на депозитите, односно тие се чуваат во повеќе различни банки во Европа. Нашите депозити главно се во банки во земјите каде што владите веќе најавија дека целосно ги гарантираат депозитите“, вели директорот на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.
Само 2 процента од депозитите Стопанска банка ги чува во странски банки, 10 проценти се чуваат во Народна банка како задолжителна резерва, а преостанатите главно се пласирани како кредити.
„Штедните влогови на граѓаните се сигурни. Најголемиот дел од средствата банката ги има лоцирано во кредитирање на стопанството и населението. Дел од средствата се чуваат главно во комерцијалните европски банки, а не во инвестиционите банки кои се погодени од кризата“, вели директорот на Стопанска банка, Глигор Бишев.
И од Комерцијална банка уверуваат дека средствата ги чуваат во првокласни банки, главно во групата банки со рејтинг трипл А. „Веднаш по првата информација за светската финансиска криза, топ-менаџментот на банката изврши уште една проверка на депозитите на банката. Состојбата е под целосна контрола. Штедачите да не се грижат“, вели Маја Стевковска-Штериева, финансиски директор во Комерцијална банка.
Вчера со реакција за кризата излезе и вицепремиерот Зоран Ставрески. „Нашите банки не се директно погодени од кризата. Светската криза ќе го достигне дното во средината на 2009 година. Практично, сега се исполнети условите да се каже дека Европа и САД се влезени во техничка рецесија“, изјави Ставрески.
Иако во Европа на заедничка маса отворено и наголемо се гради стратегија со давање гаранции за банкарските депозити со цел да се запре финансиската паника што се прелеа на стариот континент, во земјава во тајност се држат средбите на банкарите и централната власт, иако народот сака да слушне дали има опасност за неговите пари.
Инаку, вкупните штедни влогови во земјава, и денарски и девизни, изнесуваат речиси 1,5 милијарда евра. |