Македонија ќе ги повлече војниците од Ирак

Отсуството на рационална државна стратегија добива драматични размери
Соња Крамарска
Иако навидум математиката е едноставна, а тоа е дека Македонија преку компромис со Грција за името ќе направи метеорски скок во интегрирањето со ЕУ и НАТО, во Скопје тоа засега ниту најмалку не изгледа едноставно.
Договорите за изнаоѓање државна стратегија која ефикасно ќе одговори на грчките притисоци и истовремено ќе го зачува прозападниот курс на државата одат бавно иако, од друга страна, процесот на преговори со Атина според одделни посматрачи влегува во завршна фаза. Проблем се јави и околу признавањето на Косово, кое македонската Влада се' уште го одолжува, додека, пак, претседателот на државата изрази јасна политичка волја за преземање конкретен чекор кон Приштина.
Како круна на се' вчера министерот за одбрана Зоран Коњановски ги потврди и информациите дека Македонија ги повлекува своите војници од Ирак, што внесе дополнителна загриженост дека Владата можеби влече уште еден изолационистички потег кој ќе ја оддалечи земјава од НАТО.
„Мисијата поради која нашите војници престојуваа во Ирак веќе е завршена и тамошната власт со сите институции веќе е способна сама да води грижа за дел од сопствената територија. НАТО и коалиционите партнери донесоа одлука за намалување на бројот на војниците“, објасни Коњановски.
Но, иако македонската Влада, како што рече вчера министерот за одбрана, „секогаш ќе биде подготвена да одговори на барањата на НАТО за распоредување на војници“, последните случувања на домашен план не можат да го намалат впечатокот дека прозападната ориентација на Македонија е доведена во прашање и дека домашните кавги станаа посилни од државниот интерес.
Централно прашање е името на земјата кое прераснува во проблем што предизвикува напнатост во регионов и проблем во кој активно е инволвирана Америка. Претседателот Бранко Црвенковски, кој се соочува со помала популарност во јавноста, се залага за компромисно решение кое нема да и' нанесе голема штета на Македонија, а премиерот Никола Груевски, кој се' уште ужива голема популарност по последните парламентарни избори, е против менување на името.
Таквата ситуација трае веќе подолго време и се заканува целосно да го блокира процесот на преговори од што најголема штета ќе има токму Македонија. Македонските преговарачи Никола Димитров и Мартин Протоѓер вчера отпатуваа во ��ујорк со големи дилеми што да му соопштат на посредникот на Обединетите нации во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц.
Груевски, завчера на средбата што требаше да се одвива меѓу четирите најважни лидери во земјата, кои всушност ја имаат и суштинската контрола во парламентот, отиде придружуван од своите коалициски партнери од помалите партии. Со тоа Груевски даде сигнал дека малите лидери за него не вредат толку во парламентот колку што вредат на преговарачката маса со Црвенковски, каде што односот на силите треба да биде во корист на премиерот.
Но, дали одењето на преговори за државната стратегија за името во придружба на Амди Бајрам, Љубисав Иванов - Ѕинго, Фијат Цаноски, Павле Трајанов и Иван Стоиљковиќ го подобрува амбиентот или го влошува? Или, пак, преку проширувањето на составот на луѓето на преговарачката маса премиерот сака да испрати порака дека можеби е подготвен и да омекне, но не е подготвен одговорноста во Владата да падне само врз неговите плеќи?
Интернационалниот републикански институт (ИРИ) вчера преку анкета внесе малку спокојство кај премиерот. Неговата популарност меѓу граѓаните се' уште е најголема.
По се' изгледа, оваа огромна разлика во прифатеноста меѓу граѓаните е и клучот на недоразбирањата меѓу Црвенковски и Груевски. Младиот премиер, кому високата популарност му е приоритет во работењето, се' уште не е подготвен на потемнување на својата политичка ѕвезда, додека, пак, претседателот, кој ги одбројува последните месеци на кормилото на земјата, е подготвен на поголем ризик.
Како и да е, неспособноста или несакањето на државното раководство да изгради рационална, но цврста стратегија кон Грција, а најверојатно и кон Косово, се претвора во Ахилова пета на вкупната надворешна политика на Македонија, но истовремено ја влошува климата и дома.
Вчера Мендух Тачи, лидер на опозициската ДПА, го прозва раководството на државата дека го губи прозападниот курс на земјата со политиката на воздржаност и кон Белград (иницијативата во ОН) и кон Косово. Критика за односот кон Косово пристигна и од Америка, од Даниел Сервер, директор на Балканската иницијатива при американскиот Институт за мир во Вашингтон.
Веројатно такви прозивки ќе уследат уште од неколкумина странски и домашни политички центри. Вестите што пристигнуваат од Брисел се дека во Европската комисија не се решава по пат на консензус, што значи дека Грција нема улога во добивањето или недобивањето на датумот на преговори. Името треба да се решава само заради фаќање приклучок на Македонија кон НАТО заедно со Албанија и со Хрватска.
„Проблемот со името е решен, а во иднина повеќето земји во светот Македонија ќе ја нарекуваат Македонија“, рече вчера Сервер, обвинувајќи ја Грција за спорот. Проблемот на македонското раководство е што не сфати дека клучот за разрешување на овој спор е во Скопје и во Атина, а не кај странските поддржувачи и симпатизери кои ги имаат и двете страни. |