Осми јули
Русите го славеа својот Валентин
Идејата секој 8 јули, Денот на светите кнез Петар и кнегињата Февронија, да се слави како празник на љубовта и семејната среќа ја даде Светлана Медведева, сопруга на претседателот на Русија
Бранко Влаховиќ наш постојан дописник
Во цела Русија, во четвртокот, на 8 јули беше прославен Денот на брачната љубов и семејната среќа. Идејата, секој 8 јули, Денот на светите кнез Петар и кнегињата Февронија, да се слави како празник на љубовта и семејната среќа, ја даде Светлана Медведева, сопруга на претседателот на Русија. Таа, исто така, предложи за симбол на празникот да биде цветот на камилица.
Предлогот беше брзо прифатен, зашто многумина сметаа дека Русија треба да слави свој ден на љубовта, а не според помодната инерција раскошно да се прославува Денот на свети Валентин, кој нема никаква врска со православната традиција.
Централната прослава беше одржана во Валдимирската област, каде што беше рускиот патријарх Кирил. На свеченоста присуствуваше и сопругата на претседателот, Светлана Медведева. На брачните парови, кои проживеале повеќе од 25 години заедно, им беа доделено медали за љубов и верност. Честитајќи му го празникот на својот сопруг, претседателот на Русија, Светлана Медведева рекла дека сега треба многу да работат на зацврстувањето на бракот, зашто семејната среќа, во која се сакаат и меѓусебно се поддржуваат, е основа за напредок на Русија.
Советот на Руската Федерација, на 26 март 2008 година, ја одобри иницијативата да се слави новиот празник, Денот на брачната љубов и семејната среќа, во чест на светите кнез Петар и кнегињата Февронија. Тој празник се прославува секој 8 јули.
Православните верници во Русија сметаат дека Петар и Февронија се покровители на бракот. Нивната љубов е опишана во старата руска „Приказна за Петар и Февронија Муромски“. Кнезот Петар бил вториот син на муромскиот кнез Јуриј Владимирович, кој бил на престолот во 12 век.
Петар, неколку години пред да стане кнез, заболел од болест од која никој не можел да го излекува. На сон, на кнезот му се видело дека може да го излекува ќерката на пчеларот, Февронија, од селото Ласково во рјазанскиот крај. Според преданието, Февронија била убава и добра. Освен тоа, била и мудра девојка, а ги знаела и својствата на тревите и умеела да лекува. Според кажувањата, неа ја слушале дури и дивите животни. Кнезот се вљубил во неа и и' ветил дека ќе се ожени со неа кога ќе оздрави. Девојката го излекувала кнезот, но тој, сепак, не го одржал својот збор. Болеста му се вратила на Петар, па Февронија повторно го лекувала, па дури по втората терапија кнезо�� се оженил со неа.
По смртта на брат му Петар дошол на чело на кнежевството. Болјарите го ценеле Петар, но нивните жени не ја поднесувале Февронија. Говореле дека не сакале над себе да имаат селанка. Затоа болјарите побарале Петар да ја остави Февронија. Петар не се согласил со тоа, го напуштил Муром и со чамец отпловил по реката Оки... Наскоро болјарите се скарале меѓу себе и почнало да се лее крв. Потрезвените болјари одлучиле повторно да го повикаат кнезот Петар. Кнезот се вратил со сопругата и долго владеел живеејќи во љубов. Во староста Петар и Февронија се замонашиле во различни манастири, земајќи ги имињата Давид и Евросинија. Тие му се молеле на Бога да умрат во ист ден. Умреле на 25 јуни, според стариот календар, а според новиот, на 8 јули 1228 година. Нивните тела се наоѓаат во Соборната црква на градот Муром. По 300 години тие се прогласени за светци.
Новиот празник во Русија не е само враќање на традицијата и на своите корени, туку настојување да се зацврсти семејството, што директно би требало да влијае на еден од главните проблеми и опасности за Русија - малиот наталитет. Доколку наталитетот во Русија и натаму опаѓа може да се случи се' поголема територија на Русија да биде сосема пуста. Особено тешка е ситуацијата на истокот од Русија, каде што стандардот е значително понизок, а и климатските услови се неспоредливо потешки од оние во европскиот дел. |