Број 3329  сабота, 10 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter

„Галичка свадба 2010“

Во древниот ритам на зурлите и тапаните

„Галичка свадба“ успеа да го зачува Галичник, да го врати животот на ова исконско и неповторливо место, кое низ вековната историја на Македонија има дадено голем придонес во зачувувањето на македонскиот национален идентитет

Киро Кипроски

Денес и утре, викендот спроти Петровден, во летото Господово 2010, Мијачијата повторно ќе пулсира во ритамот на свадбените зурли и тапани. Се' е подготвено за успешно одржување на 47. издание на „Галичка свадба 2010“, единствена културолошко-туристичка манифестација од ваков вид, не само во нашата земја, туку и пошироко. На оригинален начин и сосема автентично се продолжува вековната свадбарска традиција. Галичката свадба дава голем и значаен придонес да не се заборави традицијата, за на младите поколенија да им се пренесат изворните свадбарски обичаи и ритуали, богатиот фолклор, песните , ората, да се негува и чува галичката носија, која со филигранска прецизност е изработена во препознатливиот галички вез... Со еден збор речено, да се чува и негува целокупното наследство и духовното богатство, создавани со векови од бистроумните и уникатни галичани.

Во последниов половина век Галичник живее само од Ѓурѓовден до Митровден. Со паѓањето на првиот снег, патот низ планината Бистра станува непрооден, а со тоа на галичани и на сите вљубеници во Галичник овој крај им станува недостапен. И покрај тоа, „Галичка свадба“ успеа да го зачува Галичник, да го врати животот, а со тоа и сите вредности на ова исконско и неповторливо место, кое низ вековната историја на Македонија има дадено голем придонес во зачувувањето на македонскиот национален идентитет, на македонскиот јазик, на културните и духовните вредности. Од Галичник произлегоа видните македонски преродбеници во 19 век: Ѓорѓија Пулевски - учебникар, писател, лексикограф, историчар, војводата Партение Зографски - филолог, фолклорист, учебникар и прв владика на Балканот, Панајот Гиноски - собирач на умотворби, голем број копаничари и фрескосликари...

Галичките куќи од камен и дрво, со посебна архитектура, кои се амфитеатрално поставени, секогаш го пленат вниманието на посетителите и не ги оставаат рамнодушни - викендов се отворени да ги примат гостите на „Галичка свадба“.

„Во овие два дена гостите на свадбата ќе ги вратиме во минатото, кога во Галичник живот се живеело“, со гордост ни зборува Благоја Филипоски, претседател на Месната заедница и на Организациониот одбор на „Галичка свадба“. „Гостите ќе се насладуваат на песната, орото, на свадбарските обичаи и ритуали, на природните убавини и реткости, како и на специјалитетите што ќе можат да ги вкусат во рестораните: печено јагнешко , бакардан, овчо кисело млеко, галичко сирење...“ додава тој.

Организаторот очекува на свадбата да присуствуваат над 5.000 посетители од земјата и странство, за што имаат добиено и најави за групни посети на туристи од повеќе европски држави, како и од Америка и од Австралија. Поради тоа се преземаат посебни активности за нормално одвивање на сообраќајот.

Почетокот на 47. издание на „Галичка свадба“ ќе биде означен во сабота навечер со китење и поставување на свадбарскиот бајрак на куќата на зетот и фрлање пушка. Легендарните зурлаџии и тапанџии „Тројца Мајовци”, кои се заштитен знак на свадбата, од месноста Укален, влезот во Галичник од западната страна, од село Јанче, ќе го означат своето доаѓање, а зетот со побратимите ќе ги пречекаат и заедно ќе пристигнат во дворот на зетовата куќа, каде што свекрвата подготвена со бокал црвено вино и погача на главата ќе ги пречека и ќе го заигра свекрвиното оро.

На платото на опеаната чешма Упија, што се наоѓа сретсело, игроорците ќе го одиграат „Тешкото“ - симболот на непокорот, тагата и радоста на галичани и на целиот македонски народ. Со истата симболика е и „Невестинското оро“. Потоа, како на филмска лента, ќе бидат изведени и други обичаи, кои ќе бидат придружени со изворни песни создавани за секој обичај посебно.

По завршувањето на свадбарските обичаи, на импровизираната сцена на платото пред чешмата Упија, концерт ќе одржи македонската група „Љубојна“. Цела ноќ до утринските часови се' ќе биде во знакот на свадбата, ќе се игра и пее, ќе има незаборавна веселба.

В недела, галичката свадба ќе биде крунисана со венчавката на младоженците Филип Шотароски, по потекло од Галичник, и неговата избраница Љупка Талеска, во црквата „Св. Петар и Павле“. Пред тоа, ќе бидат изведени повеќе свадбарски обичаи: канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, на строј, бодињање, земање на невестата, заигрување на невестата...

Овој викенд Галичник ќе потсетува на славното минато, кога во него живееле околу 6.000 жители, а на Петровден се одржувале и по 50 свадби. Ќе ечат ридиштата на Бистра од звуците на зурлите и тапаните, кои ќе се разлеваат по долината на Радика, галичани ќе се потсетат на незаборавното минато, ќе потечат и солзи радосници, а гостите ќе уживаат и ќе се насладуваат на изворноста, на традицијата, на неповторливото и уникатното.


#
Статијата е прочитана 745 пати.

Испрати коментар

Од: jas
Датум: 10.07.2010 16:32:14
pa sto ne ziveat vo Galicnik koga e tolku ubavo

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Ароганцијата не плаќа долгови
Судир за бесмртноста
Негрижата урна даб стар 700 години
Плетњов пристигна во Охрид
Озаконета кражба на Владата
Болт го израмни најдобриот резултат на стотка сезонава
Стил
Триумф на Капијата над Уставот!
Лидерот во сенка
Русите го славеа својот Валентин
Петтемина среќници одат на финалето во Јоханесбург
Портoкaлово царство
Македонските политичари ја следат својата суета
Куклите Брац задолжителен идол на девојчињата
Неојакобинци
Кој „ја загуби“ Турција?
Шпионска размена како на филм