МАКЕДОНСКИ СОСТОЈБИ
Триумф на Капијата над Уставот!
Манчо Митевски
Наместо да прават од плоштадот некропола со дваесет споменици, нека изградат дваесет плоштади со по еден споменик
Во Македонија нешто чудно се случува. Веќе неколку дена премиерот Никола Груевски нема речиси ништо остварено - нема фрлено лопата или пресечено лента на селска чешма или спортска сала, го нема нападнато Уставниот суд, нема дадено интервју на своите дебело платени новинари, а „непринципиелниот“ Друцас му „подметнува“ дека „сфатил дека мора да ги промени ставовите доколку сака европска иднина за својата земја“.
Да не згрешија нешто планерите на Преродбата, па сега премиерот се најде во остварувачка дефанзива?! Не дај Боже, да не му направија некоја магија „клетите“ Европејци во Брисел за да стокми компромисна смена на името!? Скраја било, да не се подготвува некој во неговата партија да му го одземе лидерското место!? Партискиот генсек Мартин Протоѓер во отвореното писмо до Бранко Црвенковски, кое е пишувано од името на ВМРО-ДПМНЕ, на едно место, кога зборува дека ќе ја поразат опозицијата и оваа, за нив, омразната личност, за прв пат искажува една чудна и контроверзна мисла „Не давам ветувања кои не ги исполнувам“! Кога во оваа партија се знае кој може да зборува во прво лице еднина, а уште повеќе, кој дава ветувања, останува дилемата дали нешто се случува во партијата или, пак, Протоѓер текстот го пишувал да биде од името на Груевски, но, поради некоја причина го потпишал како свој!
Во Македонија продолжува театарот на апсурдот. Општеството, не само што на форсиран начин, со осмислената вмроизација, е поделено до патолошки димензии туку покажува знаци дека како систем почнува да се распаѓа. Доказ за тоа е непочитувањето на правната држава, на нејзиниот врховен нормативен акт и на институциите - и тоа од власта. Таа, наместо да го гради и заштитува, го урива уставниот поредок и системот на институции во Република Македонија! Тоа може да биде генерален заклучок изведен и од односот на актуелната власт во последните четири години, и особено по последните два примера со скандалозни димензии.
Првиот, арогантно непочитувањето на одлуката на Уставниот суд кој констатира незаконска постапка за многу замислени и започнати градби од пирамидалниот проект „Скопје 2014. Вториот, ставање на Законот за МВР пред Законот за Собрание во случајот на инцидентот во парламентарниот дом. Имено, вооружени лица без ознаки, кои немаат врска со собраниското обезбедување „правеа ред“ и снимаа пратеници во „храмот на демократијата“, кој по скандалозните седници летото 2008, е трансформиран во негов сурогат (спикерот тогаш мораше јавно да се извини), односно во срам на демократијата! Овие два случаја, кои се поклопуваат со четиригодишнината од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, се вистинска парадигма на системот на владеење на оваа партија. Иако и во програмата на Владата и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Преродба во сто чекори“, декларативно се зборува за владеење на правото и на правната држава, се' е подредено на интересите на партијата, а кога се зборува за правна држава, всушност, се мисли на партиска држава!
Така, на пример, кога премиерот или било кој друг владин или партиски функционер зборува за решавање на проблемот со името, не зборува за државна стратегија туку ја посочува страница 146 од партиската програма! Така е и со инвестициите, развојот, реформите, моралот, спортот... Незаобиколен е клучниот услов за вработување во државната и јавната администрација - партиската книшка. Затоа овие институции наликуваат на микро партиски ограноци и мобилни екипи за итни потреби, било да се работи за логистика на избори, било за пополнување на улиците за митинзи. Или, за премиерот и за министерката за култура поважна е дозволата од некој општински службеник - партиски војник за Триумфалната капија кај „чичко Стоилко“, од одлуката на Уставниот суд кој укажува на незаконска постапка врз која ќе се гради Капијата. За судството не треба да се зборува, доволно е да се каже дека за Судскиот совет околу разрешувањето на некои судии, што се врши по пријави на министерот за правда, кој е политичка личност и спроведува партиска програма и интереси, поважни се неговите интерни правилници од уставните и законските норми!
Со инцидентот во Собранието, власта свесно меша две работи. Законот за МВР се однесува за општи надлежности и сфери на дејствување на претставниците на полицијата. Посебниот Закон за Собранието, поточно членот 43, е кристално јасен: (1) Одржувањето на редот во Собранието го обезбедува посебна служба. (2) Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение на претседателот на Собранието да имаат пристап во просторот, ниту да преземаат мерки спрема пратениците. (3) Носење оружје во Собр��нието не е дозволено, освен на овластените за одржување на редот во зградата...
Кога станува збор за „Скопје 2014“, во оваа прилика ќе акцептирам три работи кои мислам се важни и за проектот и за власта. Првата, дека патриотите трагачи по нов, надграден и проширен македонски идентитет не треба да измислуваат ��сторија и личности, туку само малку да се свртат наназад. Од победничката историја на Македонија, веднаш ќе забележат многу неспорно значајни личности. Јас би посочил само две: генерал Михајло Апостолски, кој со неговите партизани - патриоти и антифашисти - први ослободители на Македонија, кон крајот на 1944 година дојава на коњ на плоштадот во Скопје, и на Блаже Конески, основоположникот на македонскиот литературен јазик, за кого јазикот е нашата татковина. Втората, ако веќе толку запнале да го реализираат проектот до крај, тогаш можат да направат една корекција во пристапот. Имено, наместо да направат од плоштадот некропола со дваесетина споменици и други градби, нека ги дислоцираат спомениците низ цело Скопје и нека изградат дваесет плоштади со по еден споменик. Третата, да беа власта и Груевски толку посветени на стратешките цели - решавање на проблемот со името и влез во НАТО и датум за преговори со ЕУ, економски раст, борба против корупцијата, добри меѓуетнички односи, реформи... - како што се посветени на „Скопје 2014“, кој знае каде ќе ни беше крајот. Затоа, нека ги ротираат приоритетите на посветеноста.
Актуелните случувања во Македонија се лоши пораки и сигнализираат на вклучување на алармот. Земјата е влезена во политичка криза, а ако не се направи нешто конструктивно, се' повеќе се наѕира и микс од етничка, верска, па дури и од уставна криза. Од овој аспект добро е што беше успешен митингот на опозицијата, ако не поради друго, тогаш поради фактот дека тој значеше ослободување на граѓанството од стравот, од што може да се создаде поголема критичка маса која ќе врши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, па и врз ДУИ, апсолутното поседување на власта да не значи и практикување апсолутна власт. |