Грозјето по лански цени, протестите прекинати
Иако има можност да се постигнат ланските откупни цени, сепак, проблем и натаму останува количеството што ќе се откупи
Александрија Стевковска Ангел Данов
Откупните цени на грозјето да бидат исти како ланските и да бидат објавени во рок од три дена, се договорија вчера претставниците на лозарите и винарите со медијаторство на минис��ерот за земјоделство, Љупчо Димовски. Цел на оваа средба беше да се смират производителите на грозје, кои овие денови почнаа со масовни протести во Тиквешијата поради најавата за ниски откупни цени на грозјето.
Овој компромис, постигнат меѓу дел од лозарите и винарите, само делумно ги смири лозарите, кои беа незадоволни од постигнатиот договор, но поради меѓусебната поделеност ги прекинаа протестите.
Иако има можност да се постигнат ланските откупни цени на грозјето, кои се движеа од 17 до 18 денари за висококвалитетните сорти, од 10 до 12 денари за „вранец“ и од 8 до 10 денари за „смедеревка“, сепак, проблем и натаму останува количеството грозје што ќе се откупи годинава, поради големите резерви вино што ги задушуваат винарските визби и не им оставаат средства за финансирање на откупот.
„Имајќи ги предвид проблемите на винарскиот сектор со големите резерви вино и проблемите на производителите, договорот е сосема реален, фер и коректен и би требало да ги задоволи двете страни“, оцени министерот Димовски по средбата.
Тој вчера преговараше со поголемите винарски визби, но смета дека договорот ќе го прифатат и помалите визби во земјава, вкупно 84, кои откупуваат до еден милион килограми грозје. „Цените ќе се движат во рамки на ланските, а осцилации не би требало да има“, додаде Димовски.
Винарите, кои до вчера изјавуваа дека нема шанси годинава да ги даваат ланските цени за грозјето, сега одеднаш се премислија.
„Мора да најдеме решение за проблемите. Едни со други си требаме. Бидејќи паднаа цените на виното на европскиот пазар, прифативме да се задржат ланските цени на грозјето“, рече Зоран Даневски од „Џумајлија“, додавајќи дека секоја винарска визба сама ќе се произнесе за цените на висококвалитетните сорти, во зависност од квалитетот.
Производителите, кои вчера се сретнаа со винарите и со министерот за земјоделство, генерално, беа задоволни од исходот на состанокот, но со оглед на најавените количества за откуп, стравуваат дека 60 милиони килограми од родот ќе остане на нивите. Во тој случај се надеваат на помош од Владата.
„Нема којзнае каков компромис, но се согласивме годинашните откупни цени да бидат на ниво на ланските, со цел да го одржиме производството на грозје. Ги предупредивме винарите да не не' изиграат и оваа година, како што беше случај во претходните, кога едно зборуваа пред нас, а друго правеа на терен“, изјави претседателот на лозарското здружение „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов.
Според него, моментно цените за висококвалитетните сорти, „шардоне“, „бургундец“ и „темјаника“ што ги нудат визбите, особено „Повардарие“, од 8 денари за килограм, се два пати помали од лани.
Додека во Скопје се преговараше како да се смират страстите на лозарите, во Тиквешијата вриеше. Илјадници лозари со камиони, трактори и со друга земјоделска механизација и вчера го блокираа влезот на Неготино и на винарската визба „Повардарие“, но протестот попладнето го прекинаа, бидејќи почнаа меѓусебно да се обвинуваат за состојбата во која се нашле. Начелно лозарите прифатиле грозјето да им се плаќа по ланските цени, иако и тие цени им се ниски, но за ветувањето за лански цени бараа и писмена потврда, плашејќи се дека ќе бидат излажани и изманипулирани од винарите, па лозарите останаа на блокадите. Тие сакаа да го блокираат и автопатот Скопје - Гевгелија.
„Работата ќе ескалира. Народот не може да ја издржи беспарицата. Леб немаме да јадеме, тоа треба да го знае и Владата, оти земјоделецот не е заштитен како што треба“, вели Миле Грков, производител на грозје од селото Криволак - Неготинско.
За разлика од масовниот протест во Неготинско, во Кавадарци се' уште лозарите размислуваат како да извршат притисок за државата да го слушне нивниот проблем. Дел од кавадаречките лозари се приклучија на протестот во Неготино, но најголем дел си гледаат сеир и чекаат нивниот проблем да го реши некој друг, коментираа лозари на протестот.
Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, вчера претпладне ги посети лозарите и им порача дека ако тие ја добиеле власта, немало ниту едно зрно македонско грозје да остане неоткупено или, пак, виното да не се продаде. „Јас ја преземам одговорноста и му порачувам на Груевски дека и со трактори, плугови и лопати ќе има бунт оваа есен. Ќе има бунт каков Македонија не памети. Бунт на македонските земјоделци, со кој мора да ја урнеме оваа ненародна влада“, порача Бошкоски. На протестот пристигна и потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев. Неколку лозари, за кои се прокоментира дека се инфилтрирани партиски војници, не дозволуваа Заев да им се обрати на лозарите.
|