Поглед
Поплавено здравство
Билјана Ангеловска
Толку ли немаше некој во Македонија што знае да поправа покриви, та мораше Министерството за здравство да одбере фирма од Благоевград за да го смени покривот на Поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром? Какви услови се бараа на тендерот, па да не може да ги исполни ниедна домашна фирм��? Сега, од готово се направи вересија, па излегува дека ќе мора да се лечи, иако, веројатно, можело да се спречи.
Зарем така се работи во Бугарија, се крева покривот и се остава објектот незаштитен? Бугарските работници, очигледно, спиеја на тоа уво дека во Скопје не врне во септември и ја оставија поликлиниката без покрив цели 10 дена. И, нормално, дождот ги изненади. А, ги изненади и вработените во здравствениот дом.
Всушност, тие беа изненадени уште кога почна да се работи, бидејќи некој сметал оти нема потреба да ги информира дека ќе има градежни зафати на објектот во кој тие имаат свои простории полни со скапа опрема.
И, сега што? Кој кому ќе му полага сметки? Министерството за здравство вети дека штетата ќе ја надомести изведувачот. Аплауз за ветувањето. Па, никој и не очекуваше помалку од тоа. Но, концесионерите во поликлиниката заедно со илјадниците пациенти што останаа без лекарски услуги очекуваа министерот веднаш да се појави на самото место и да ја сподели загриженоста со нив. Да се слика во поплавените простории покрај уништената опрема. А, не да дојде дури третиот ден од поплавата.
Оти, ако знае да каже дека се' што било направено деновиве е заслуга на неговиот ангажман, тогаш, веројатно, знае и дека негова заслуга е и изборот на фирмата-изведувач. Значи, и одговорноста за направеното е негова. И од тоа не смее да бега. |