Неизвесна екстрадицијата на Лирим Јакупи - Нацист
Еден од најбараните криминалци на Балканот се бара да одговара во три земји за тероризам
Љубиша Станковиќ
Македонија ќе бара екстрадиција на озлогласениот косовски државјанин Лирим Јакупи-Нацист (31), но засега е неизвесно дали ќе биде донесен во земјава, бидејќи се бара за убиства, терористички напади и киднапирања и во Косово и во Србија. Косовската полиција го уапси Лирим Јакупи-Нацист во стан на улицата „Бајрам Бахтари“, во Приштина, вчера дваесетина минути по 12 часот.
Станува збор за еден од најбараните криминалци и терористи на овие простори, кој на македонската јавност и' е познат уште од пред повеќе од шест години кога во обид да биде лишен од слобода, од стан лоциран на улицата „Илинденска“, стрелаше во припадници на полицијата и притоа рани две лица. При апсењето на Јакупи, косовската полиција кај него пронашла автоматска пушка „калашников“, два пиштола и две рачни гранати. Од Приштина се' уште нема официјална потврда дали за упасениот е одреден 48-часовно задржување и дали ќе му биде одреден екстрадициски притвор.
Македонија има распишано меѓународна потерница по него, а екстрадиција ќе биде побарана веднаш штом ќе се добие официјална информација од Интерпол, за тоа каде се наоѓа моментално. Иако Скопје и Приштина немаат потпишано договор за екстрадиција, од Министерството за правда се надеваат дека целата постапка ќе биде спроведена согласно со меѓународните конвенции.
Иако за Лирим Јакупи-Нацист е заинтересирана и соседна Србија, извесно е дека тој ќе биде екстрадиран во земјава, каде што освен за случувањето во Тетово, ќе треба да издржува и затворска казна за случувањата од крајот на 2007 година, кои се одиграа во тетовското село Бродец.
Приказната за Јакупи започнува уште во 2004 година кога тој се појави со групата на Агим Красниќи, преземајќи ја контролата врз скопското село Кондово. Македонската полиција кон крајот на 2004 година го лоцира бегалецот во стан на студенти од Косово, кои се школувале на еден од тетовските универзитети. При опсадата на станот загина еден од помагачите на Јакупи, но успеа да побегне. Од 2004 година тој е на таканаречената црна листа на САД, а само една година подоцна и земјите-членки на Европската унија го прогласија за персона нон грата.
Три години подоцна, Лирим Јакупи повторно ја заинтригира јавноста со соопштението дека е уапсен и е испратен на издржување затворска казна во траење од 40 години, но неговото бегство и бегството на уште неколкумина негови пријатели, во август 2007 година од затворот „Дубрава“ крај Приштина, доведе до нови вознемирувања во регионот. Краток период по неговото спектакуларно бегство, се говореше дека Нацист ја преминал косовската граница и дека се крие во реонот на Шар Планина.
Македонската полиција ги негираше тврдењата дека Јакупи е на наша територија и дека е во придружба на добро вооружена група, но кога уследи акцијата „Планинска бура“, ваквите сомневања само беа потврдени. Во акцијата во тетовското село Бродец, меѓу загинатите беше и бегалецот од затворот во Шуто Оризари, Рамадан Шити, но Лирим Јакупи-Нацист, повторно успеа да се извлече од полицискиот обрач. На судењето на припадниците на групата вооружени од Бродец, главно, жители на селото, судот им изрече високи затворски казни, а на Лирим Јакупи-Нацист во отсуство му одреди затворска казна од 15 години.
Истата таа година, за киднапирање албански цивили на Косово, судот во Гњилане го осуди Јакупи на шест години затвор, а судот во Врање, во негово отсуство, му изрече судска пресуда за тероризам. Во август минатата година српските власти повторно го обвинија Јакупи за тероризам, односно за вооружениот напад врз припадници на српската жандармерија во Прешево и во Бујановац и за фрлање бомби на станбена зграда во Прешево. Разузнавачките информации упатуваа на заклучокот дека тој и неговата група извесно време се криеле во регионот, а потоа заминале во Косово.
За Јакупи македонската јавност слушна и во почетокот на оваа година, односно во април и во мај, кога кај Блаце и кај Свиларе беа пронајдени големи количини оружје и муниција. Токму во Свиларе загина уште еден близок соработник на Јакупи, кој во 2004 година му помогнал да побегне од станот во Тетово.
Кој е Лирим Јакупи?
Лирим Јакупи со прекар Нацист е роден во околината на Бујановац. Како азилант, во Германија, стапува во контакт со тамошната албанска емиграција, а веќе во 1998 година е доброволец во т.н. Ослободителна војска на Косово. Подоцна тој ќе се префрли во реонот на Јужна Србија каде што работи на основање на т.н. Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Откако ќе се демобилизира, се враќа на Косово, но таму е уапсен од меѓународните сили. Извесен период ќе остане зад решетки, за потоа повторно да замине за Германија. Во инцидентот со македонската полиција тој беше тешко ранет, но успеа да ја мине границата и да замине за Косово, по што беше уапсен и испратен во затворот „Дубрава“ кај Приштина, од каде што спектакуларно побегна. |