Репрезентативците отпатуваа во Хонг Конг
Сашко Ѓ. Димовски
Комбинираниот состав на македонската фудбалска репрезентација замина на далечниот Исток каде задутре во Фуо Шан, Хонг Конг, ќе одигра пријателски меч со селекцијата на Кина.
Сите играчи кои ги повика селекторот Јонуз се одзваа на поканата. Од интернационалците последни допатуваа Бајрам Фетаи од дански Нордјиланд и Александ��р Лазевски од Партизан. Останатите се јавија во Скопје уште првиот ден од мини-подготовките.
„Очекувам многу од претстојниот дуел. Се надевам дека барем двајца до тројца фудбалери ќе успеат да се наметнат и за потесниот состав пред продолжението на квалификациите за Европското првенство во 2012 година“, кусо прокоментира Јонуз пред поаѓање за Истанбул, а оттаму и до Фуо Шан.
Тестот со Кина го сметаат за исклучително корисен во овој период од годината во нашиот стручен штаб. Дали ќе биде така и дали Јонуз ќе добие нешто ново за националниот тим останува да видиме во среда. Селекторот засега е задоволен од сработеното во Скопје, причина плус за задоволство претставува и фактот дека не се соочува со повреди. Затоа очекува добар меч и вистинска контрола за потенцијалот и капацитетите на играчите кои, според него, се најдобрите од сите оние што му беа на располагање за оваа репрезентативна акција.
Јонуз нема да биде сам што ќе тестира во среда. Ќе тестира и неговиот колега на клупата на Кина кој за натпреварот со Македонија се потпре на фудбалери само од кинеското првенство. Мечот во Фуо Шан е во рамки на подготовките на Кинезите за учество на претстојните Азиски игри. За нас, пак, е последниот испит за 2010 година која ја завршуваме на 76 позиција на ФИФА ранг листата.
Кина и Македонија задутре ќе го одиграат третиот пријателски фудбалски натпревар. Во претходните два запишавме пораз (1:0) и реми (0:0). До наредниот предизвик во квалификациите за ЕП 2012 и дуелот со Република Ирска во Даблин (26 март) ќе имаме уште еден контролен меч, во февруари догодина. |