Уругвај го доби пенал-рулетот со Гана
Уругвајските фудбалски репрезентативци се единствени кои останаа да ја бранат честа на јужноамериканскиот фудбал на Светското првенство во Јужна Африка по елиминациите на Бразил, Аргентина и Парагвај. Во четврт-финалето во Јоханесбург тие славеа над селекцијата на Гана, по подобро изведување на пенали, со 5:3 (мечот во регуларниот дел заврши 1:1) и за место во големото финале ќе се пресметаат со Холандија. Соиграчот на Горан Пандев во Интер, Сули Мунтари, упати „бомба“ од околу 40 метри во продолжението од првото полувреме со која ги поведе своите колеги од репрезентацијата на одмор со предност од 1:0, Уругвајците израмнија во 55 минута по слободниот удар на Диего Форлан и лошата проценка на ганскиот голман, Кингсон. До крајот резултатот остана непроменет по што се премина на продолженија 2х15 минути. Во нив обете селекции се однесуваа многу резервирано и претпазливо и тешко креираа шанси за гол. Сепак, во самата завршница Гана ги притисна Уругвајците во нивниот казнен простор и ја заслужија најголемата прилика за гол. Добија пенал во судиското екстра време на второто продолжение!
Во мешаницата пред голот на Муслера во 121 година, Луис Суарез најпрво со нога го одбрани ударот на Стивен Апија, а само секунда подоцна со рака реагираше на ударот на Доминик Адијах. Португалскиот судија Олегер Бенкуеренса му покажа црвен картон, а за Гана пенал. Но, Гјан, од белата точка, наместо мрежата, ја погоди гредата од уругвајскиот гол.
Јунак во натпреварот, при изведувањето на пенали, стана чуварот на мрежата на Уругвај и Лацио, Муслера. Ги одбрани ударите на Менсах и Адијах, додека победничкиот гол за Уругвајците беше дело на Себастијан Абре. |